Проект филмски студија: Ковачевски вели дека идејата уште се разгледува, Мицковски, пак, на вечера со Малкович

Џон Малкович во Скопје

Сè уште се разгледува предлогот за изградба на филмските студија и технолошкиот парк во Скопје, што го предлага меѓународна групација во која како партнер е вклучен и американскиот актер Џон Малкович. Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека проектот уште не е доставен до Владата, бидејќи сè уште е кај работна група која ги оценува стратешките инвестиции.

Ковачевски: Проектот е доставен од група бизнисмени. Се оценува во работната група за стратешки инвестиции

„Доколку работната група оцени, согласно стандардите наведени во Законот за стратешки инвестиции, дека тој е добар проект, тогаш се поднесува до Владата. Сè додека нема оценка за сите аспекти на можната, предложена идеја за инвестиција, тогаш Владата не може да носи одлука“, рече Ковачевски кој гостуваше на поставување камен темелник на полициска станица во Аеродром во Скопје.

Сè додека нема оценка за сите аспекти на можната, предложена идеја за инвестиција, тогаш Владата не може да носи одлука
Димитар Ковачевски, премиер

Според објаснувањето на премиерот, стратешките инвестиции се разгледуваат од повеќе аспекти и тоа „дали инвеститорот има обезбедено простор, каков е начинот на финансирање, што ќе прави на тој простор, дали планира да прави филмски студија или планира да гради станбен простор“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, пак, вчера беше на вечера организирана во чест на Малкович во кругот на винарницата „Камник“. На вечерата гостуваа повеќе лица од бизнис заедницата и од политичкиот живот, како и лица од Србија и од САД.

„На вечера со Џон Малкович и разговор за развојните проекти и филмските студија. Македонија мора да фати чекор со глобалните текови, нашата борба е да се развиваме во секој можен сегмент“, напиша Мицковски на „Фејсбук“, каде објави и заедничка фотографија со американскиот актер.

American actor John Malkovich at Ohrid summer festival playing the leading role in The Infernal Comedy: Confessions of a Serial Killer

Во македонската јавност проектот првично дојде пред една година како видео-порака што ја испрати актерот Малкович, кој тогаш најави изградба на филмски студија под името „Stone Bridge Studios“. На вчерашната куса средба со домашните медиуми, пак, Малкович, во куса изјава, без можност за поставување прашања, делумно појасни дека не се работи само за филмски студија. Според тоа што го соопшти, проектот вклучува обединување на уметноста, креативноста и економскиот раст.

Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија
Џон Малкович

„Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, нејзиниот талент и нејзиниот потенцијал“, рече Малкович кој вчера за проектот го употреби терминот STP Stone Bridge Studios и ја спомна групацијата „STP Capital partners“. Според податоците на интернет страницата на групацијата, кратенката STP значи „Skopje Technology Park“.

Your browser doesn’t support HTML5

Џон Малкович делумно го појасни проектот што го најави пред една година

Според податоците на интернет страницата на „STP Capital partners“ проектот е покомплексен. Го сочинуваат „Skopje Technology Park“ како еден проект и „Stone Bridge Studios“ како друг проект. „Скопје технолоџи парк“ (STP), според објаснувањата на интернет страницата, би опфатил изградба на комплекс со истражувачки, едукативни, трговски, како и сместувачки капацитети на подрачјето на Скопје. Додека филмските студија би опфаќале површина од 10 хектари со сцени за снимање видеа, звук, монтажа, канцеларии, паркинзи.

Во групацијата се вклучени лица од САД, од Србија, како и од земјава. Истата таа групација, како што истакна Малкович, го поддржала и неговиот настап на Охридско лето што се одржа деновиве на Античкиот театар.