Бајден патува во Флорида како шанса за изборите во 2024

Претседателот на САД се обидува да ја постави основата за очекуваното објавување на кампањата за реизбор оваа пролет

Претседателот на САД Џо Бајден денес оди во Флорида - сојузна држава дефинирана со растечката популација на пензионери и со статусот како неофицијално седиште на модерната Републиканска партија.

Претседателот гледа шанса да ги искористи социјалното осигурување и Медикеар за разидување меѓу републиканците и нивната база на постари гласачи кои се потпираат на овие владини програми за приход и здравствено осигурување.

Бајден се обидува да ја постави основата за очекуваното објавување на кампањата за реизбор оваа пролет.

Бајден по годишното обраќање за состојбата на државата во Конгресот, вчера беше во Висконсин за да го најави она што тој го гледа како економски напредок на земјата.

Во меѓувреме, опозициските републиканци бараа да се стави крај на, како што го нарекуваат, забеганото владино трошење за време на неговите две години во Белата куќа.

Висконсин е политичко борбено поле на претседателските избори и речиси сигурно повторно ќе биде фокус во 2024 година, како за Бајден, кој се ближи до формална кандидатура за реизбор во наредните месеци, така и за неговиот евентуален републикански противник, без разлика дали тоа е поранешниот претседател Доналд Трамп или некој друг.

За време на администрацијата на Бајден, стапката на невработеност од 3,4 отсто во земјата е најниска во последните 53 години. Но, републиканците и демократите велат дека стапката на инфлација во земјата, иако се намалува во последниве месеци, сè уште е премногу висока на годишно ниво од 6,5 проценти во декември.

Дел од информациите се преземени од АП