Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека „приказната за Америка, е приказна за напредок и издржливост“ за време на 69 минутното второ обраќање за состојбата на нацијата во Конгресот, со фокус на неговата домашна економска политика, вклучително и апел до републиканците да работат заедно.
Бајден им се обрати пред полн состав на Конгресот и на јавноста во неговото традиционално годишно обраќање за состојбата на нацијата. На почетокот на својот говор, американскиот претседател го поздрави економскиот напредок постигнат за време на мандатот на администрацијата.
Тој посочи дека САД се единствената земја која, како што наведе, од секоја криза излегувала посилна отколку кога влегла во неа. „Пред две години нашата економија доживеа земјотрес. Меѓутоа, во меѓувреме, со помош на многу граѓани, отворивме 12 милиони нови работни места. Повеќе од нив, беа отворени за време на мандатот на кој било претседател за време на неговото четиригодишно владеење“, рече Бајден.
Обраќајќи им се на републиканците кои го контролираат Претставничкиот дом, Бајден посочи дека потпишал повеќе од 300 двопартиски закони. „Им велам на моите пријатели републиканци, дека ако можевме да соработуваме на последната седница на Конгресот, нема причина да не го направиме тоа сега. Граѓаните ни порачаа дека борејќи се за борба за власта или креирајќи конфликт, тоа не води никаде“, истакна американскиот претседател.
Бајден најави и нови стандарди кои ќе инсистираат сите градежни материјали што се користат во федералните инфраструктурни проекти да бидат направени во Америка.
Како едно од позначајните достигнувања, Бајден во својот говор го истакна усвојувањето на двопартиски нацрт-закон за инфраструктура во вредност од милијарда долари (во 2021 година). Тој потсети дека врз основа на тој закон од неговото донесување се финансирани илјадници проекти низ државата. „За да ја одржиме најсилната економија во светот, потребна ни е и најдобрата инфраструктура во светот. Порано бевме први во светот по инфраструктура - а потоа паднавме на 13-то место. Но, сега, се враќаме“, рече тој.
Бајден оцени дека врз основа на проектите отворени врз тој закон ќе се вработат илјадници луѓе од целиот свет.
„Ние само што почнавме“, посочи тој – додавајќи дека ова се најголемите инфраструктурни проекти во последните неколку децении. „Станува збор за обнова на автопати, мостови, железници, тунели, аеродроми, обезбедување чиста вода и брз интернет низ Америка“, рече американскиот претседател од говорницата. „Мојот економски план е да инвестирам во места и луѓе кои се заборавени“, заклучи Бајден. Тој потсети и на граѓаните за кои рече дека биле третирани како невидливи.
Реформа на полицијата
Бајден укажа и на потребата од реформи во полицијата, што беше значајна тема во последните денови, по смртта на Тајри Николс, Афроамериканец од Мемфис, кој почина по брутално полициско претепување. Семејството на убиениот млад човек присуствуваше на обраќањето на Бајден во Конгресот. Американскиот претседател уште еднаш го повика Конгресот да го усвои нацрт-законот што се појави во јавноста по смртта на друг Афроамериканец, Џорџ Флојд.
Предлогот сè уште не е усвоен од Конгресот. Врз основа на тој закон треба да се спроведат низа реформи чија цел е полициските одделенија и службениците да бидат поодговорни за своите постапки.
Во исто време, американскиот претседател се заложи за забрана на автоматско оружје. „Забранете го автоматското оружје, еднаш засекогаш!“, рече Бајден. „За време на 10-годишниот период кога беше во сила забраната, имаше помалку инциденти на оружено насилство и масовни престрелки. Бидејќи републиканците дозволија таа забрана да истече - бројот на инциденти е двојно зголемен. Ајде, повторно да го забраниме автоматското оружје“, рече американскиот претседател.
Америка му се спротивстави на Путин
Во делот од говорот посветен на надворешната политика, американскиот претседател истакна дека САД се противат на руската агресија во Украина.
„Заедно со НАТО покажавме сила наспроти руската агресија врз Украина. Заедно, го направивме она што Америка го прави најдобро. Предводиме! Го обединивме НАТО и изградивме глобална коалиција. Се спротивставивме на агресијата на Путин и го поддржавме украинскиот народ“, рече Бајден.
Тој ѝ порача на украинската амбасадорка, која беше присутна за време на обраќањето на Бајден, дека САД се обединети во поддршката на Украина.
Ќе бидеме со вас ,се додека е потребно“, рече Бајден.
За ривалството со Кина
„Посветен сум на развивање на односите со Кина каде што може да ги унапреди американските интереси и корист да има светот. Но, немојте да не потценувате: како што јасно кажавме минатата недела, ако Кина го загрозува нашиот суверенитет, ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја. И ние тоа го направивме“, рече Бајден, алудираќи на соборениот кинески шпионски балон.
„И да бидеме јасни: победата во натпреварот со Кина треба да не обедини сите нас, зашто се соочуваме со сериозни предизвици ширум светот“, изјави претседателот на САД.
Сара Хакаби Сандерс го донесе одговорот од Републиканците
Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс го донесе одговорот на Републиканската партија на обраќањето на претседателот Бајден за состојбата во нацијата.
Хакаби Сандерс, која себеси се опишува како конзервативна реформаторка, говореше од главниот град на Арканзас, Литл Рок. Таа, настојувајќи да направи генерациски контраст со Бајден упати низа критики за претседателот. „Со 40 години, сум најмладата гувернерка во државата. На 80 години, тој е најстариот претседател во американската историја“, рече Сандерс. Гувернерката ја искористи национална платформа да му аргументира на Бајден, откако претседателот во својот говор ги истакна своите приоритети и агенда за нацијата.
Последна анкета
Бајден се обрати во Конгресот во време кога мнозинството Американци немаат многу позитивно мислење за него.
Според новата анкета на Вашингтон пост и телевизиската мрежа Еј-Би-Си, 62 отсто од Американците сметаат дека тој не постигнал „многу“ или постигнал „многу малку“ во текот на двегодишниот мандат.
Претстои жестока изборна 2024-та
И обраќањето на претседателот Бајден, и одговорот од републиканката Хакаби Сандерс, би можеле да послужат како предвесник за сезоната на жестока претседателска кампања во 2024 година, бидејќи демократите и републиканците се обидоа да ја обликуваат перцепцијата на јавноста пред голема телевизиска публика.
Границата на задолженост со федералниот долг, социјалните трошоци, војната во Украина и полициското работење во малцинските заедници се меѓу најголемите теми кои го поттикнуваат политичкиот дискурс.