Украина соопшти дека при руско гранатирање денес биле убиени две лица во во јужниот град Херсон, додека властите инсталирани од Русија пријавиле украински напади во источниот град Доњецк.
Кирило Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, објави на Телеграма дека руските напади ја погодиле зградата на регионалната администрација во Херсон.
Во Доњецк, градоначалникот назначен од Русија Алексеј Кулемзин рече дека гранатирањето во текот на ноќта е едно од најголемите таму во последните години.
Сепаратистите поддржани од Русија контролираат делови од регионот Доњецк од 2014 година, а претходно оваа година областа беше дел од анексијата што ја најави Русија, но беше отфрлена од меѓународната заедница.
Во Женева, високиот комесар на ОН за човекови права Вокер Турк, на состанокот на Советот за човекови права, изјави дека руската војна против Украина продолжува со грубо кршење на меѓународното право.
Турк вели дека на 18 милиони луѓе во Украина им е потребна хуманитарна помош и дека дополнителни руски воздушни напади „може да доведат до дополнително сериозно влошување на хуманитарната ситуација и да предизвикаат поголемо раселување“.
Тој рече дека руските напади врз цивилната инфраструктура, вклучително и врз енергетските капацитети, изложуваат милиони украински цивили на „екстремни тешкотии во текот на зимските месеци“.
„Мојата најдлабока желба е да се стави крај на оваа бесмислена војна“, рече Турк.
Денес, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, им рече на новинарите дека планот на САД да одобрат испраќање на ракетни одбранбени системи „Патриот“ во Украина претставува „провокација“.
Захарова рече дека САД треба да ги „извлечат вистинските заклучоци“ од предупредувањата на Русија дека опремата испорачана од САД е легитимна цел за руските напади.
Американските власти во вторникот изјавија дека треба да одобрат испраќање ракетна батерија „Патриот“ во Украина, најнапредниот ракетен систем земја-воздух што Западот ѝ го обезбеди на владата во Киев за време на 10-месечната војна на Русија против Украина.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс