Линкови за пристапност

Украина работи на обновување на струјата и водата по руските напади


Украинските власти работат на враќање на струјата и водата во клучните градови, вклучително и Киев, еден ден откако Русија започна повеќе воздушни напади насочени кон цивилната инфраструктура.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 70 отсто од главниот град на Украина останал без струја рано во четвртокот.

„Енергетските инженери и специјалисти работеа цела ноќ за да го вратат снабдувањето со електрична енергија и вода”, напиша тој на Телеграм.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во четвртокот твитна дека Русија „го води најкукавичкиот и најварварскиот тип на војна против невооружените цивили“.

Неговите коментари уследија по појавувањето на претседателот Володимир Зеленски доцна во средата пред Советот за безбедност на ОН за време на кое Зеленски рече дека руски проектили погодиле болници, училишта, транспортни цели и станбени области. Зеленски рече дека Украина чека „многу цврста реакција“ од светот.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, ги отфрли, како што рече, „непромислените закани и ултиматуми“ од Украина и нејзините западни поддржувачи.

Руските воздушни напади во средата ја исклучија струјата во повеќе украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде властите соопштија дека во воздушен напад загинале три лица.

Во западниот град Лавов, во близина на границата со Полска, градоначалникот изјави дека целиот град ја загубил струјата, иако нема информации за тоа колку цели биле погодени.

Украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, повторно го загуби пристапот до надворешната електрична енергија и наместо тоа мораше да се потпре на своите дизел генератори за итни случаи за енергијата што ѝ е потребна за ладење на реакторот и други суштински нуклеарни безбедносни функции, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси, честопати повикуваше, да се запрат борбите во близина на нуклеарната централа, за да се избегне можноста од нуклеарна катастрофа.

Соединетите Држави објавија дека испраќаат уште 400 милиони долари муниција и генератори во Киев, со што износот на американската поддршка ќе достигне повеќе од 19 милијарди долари помош за време на деветмесечната војна.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG