Најмалку што се очекува од членовите на парламентот е да учествуваат во отворена и слободна дебата, изјави за Гласот на Америка демократскиот конгресмен од Северна Каролина Дејвид Прајс, по најавите на опозицијата дека нема да гласа за уставните измени.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по вчерашната лидерска средба, побара распуштање на парламентот и предвремени парламентарни избори.
Според Прајс, и помалите парламентарни групи имаат обврска да бидат дел од собраниските дискусии, исто како што очекуваат дека нивниот глас треба да биде слушнат.
„Парламентот, и во однос на бугарското прашање, и во однос поголемите реформски обврски, ќе треба да функционира. И тоа е многу тешка ситуација во многу поделен парламент. Но, секој би се надевал дека парламентот барем би можел да има целосна и отворена дебата“, вели Прајс.
Прајс вели дека државата нема да може да оди напред ако не се надминат овие разлики.
Your browser doesn’t support HTML5
„Во парламентарна демократија има отворени, слободни и фер избори, и има застапеност на различните интереси на луѓето. Но, партиите и помалите групи треба да имаат отворена дебата и да ги почитуваат одлуките на мнозинството“, смета тој.
За честите блокади во собранието и за фактот што за само три месеци откако беа избрани, пратениците добија речиси 80.000 евра за патни трошоци без да бидат присутни во собранието и да гласаат закони, Прајс рече:
„Не ги знам сите околности, но мислам дека членовите треба да си ја заработат платата секако. Има и легитимни трошоци што ги правиме при патување и други работи. Но, претпоставката е дека во основа ја извршуваат работата“.
Според него, патот кон ЕУ ќе зависи од реформите во државата, а не само од надминување на ветото од Бугарија.
„Не се работи само за надминување вето. Станува збор за реформска легислатива што треба да се усвои, за што е потребен функционален парламент да ја изгласа таа легислатива. Во национален интерес е да се донесат овие реформски мерки“, рече Прајс.
Европската комисија (ЕК) во последниот извештај за напредокот на државата нотираше дека отсуствува елементарно ниво на соработка меѓу власта и опозицијата.
„Северна Македонија како земја која ги почна преговорите има нови можности и одговорности. Оттука, парламентот има значајна улога во процесот на пристапните преговори. Мнозинството и опозицијата мора заедно и конструктивно да соработуваат во собранието и да се фоксуираат на конкретни чекори“, пишува во најновиот извештај на ЕК.
И претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот парламент Михаил Рот, неодамна рече дека се надева оти „ во македонскиот парламент ќе можат да се создадат предуслови за да може да се продолжи ангажирано со пристапните преговори“.
Рот рече дека секој треба да си го постави прашањето како може да ѝ помогне на својата држава, наместо на својата партија.