По неколку години пауза „Берлинскиот процес“ се врати во Берлин – денеска, во главниот град на Германија, се одржа Самит на оваа иницијатива чија цел е зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија што треба да резултира со динамизирање на ЕУ реформите. Пораката која беше пратена од Берлин е дека регионот, особено по руската агресија врз Украина, припаѓа во Унијата, но и дека регионот мора да ги надмине меѓусебните конфликти – како пример беше спомената Северна Македонија и решавањето на ситуацијата со Бугарија преку „францускиот предлог“.
Your browser doesn’t support HTML5
„Стабилноста и просперитетот на Балканот не може да бидат одвоени од стабилноста и просперитетот на ЕУ. Европа може да биде комплетна само ако Западен Балкан биде дел од неа. Вие, шесте земји од Западен Балкан, припаѓате на демократскиот и слободен дел од Европа, вашето пристапување кон ЕУ е од наш интерес. Затоа, сите, треба да ги зајакнеме нашите напори за исполнување на очекувањата зацртани пред 20 години во Солун. Обврските кои денеска ги преземаме се категоризирани како итни. Руската брутална агресија врз Украина не натера да застанеме заедно за да ја зачуваме европската слобода и безбедност. Крајно време е да се надминат регионалните конфликти.“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Освен од Германија, уверувања дека Балканот ќе биде дел Унијата, дојдоа и од бриселските претставници кои ја потврдија и директната поддршката во делот на енергетиката – едно од најгорливите прашања за земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
„Многу е важно да ги синхронизираме нашите чекори. Тоа на кус рок значи диверзификација на извори на енергија, намалување на зависноста од руските фосилни горива и низ заеднички чекори одржување на цените на горива. Јасно ни е дека оваа криза бара вонредни мерки и затоа најавувам дека ЕК ќе поднесе енергетски пакет од една милијарда евра грантови за Западен Балкан, од кои 500 милиони се итни грантови, а останатите пола милијарда ќе бидат наменети за инвестиции во енергетика.“, истакна Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на ЕК.
Западно-балканските лидери, меѓу кои и македонскиот премиер Ковачевски, денеска во Берлин, во присуство на врвот на Унијата и Европската комисија, потпишаа 3 договори за мобилност кои, меѓу другото, предвидуваат движење на граѓаните со лични карти меѓу земјите во регионот.
Берлинскиот процес инициран од поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, е замислен во формат на годишни состаноци меѓу Унијата и Западен Балкан.
Првата таква средба се случи во 2014, токму во Берлин. По 8 години, процесот дојде назад во Берлин.