Државните „ГА-МА“ и „Булгартрансгаз“ потпишаа договор со кој се зголемува притисокот во гасоводот кој ги поврзува двете држави преку интеконекторот „Ќустендил – Жидилово“. Со ова се зголемува протокот на гас за 500 илјади нормални метри кубни гас и вкупниот капацитет ќе биде нешто над 3 милиони нормални метри кубни гас. Државата се отвара и за гасот од Азербејџан, Турција, САД и течниот гас кој ќе се складира во Александрополи а за кој државата веќе има закуп.
СОФИЈА – Северна Македонија го отвара пазарот за набавка на гас откако денеска во Софија е потпишан договор меѓу државаните „ГА-МА“ и „Булгартрансгаз“ со кој е постигнато меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на интерконекторот „Ќустендил - Жидилово“. Договорот предвидува зголемување на притисокот на компресорската станица односно количините на гас кои може да минат низ интерконекторот и се отвара можност за снабдување од други извори освен од руски „Гаспром“.
„Ова е многу важен ден за енергетскиот сектор во нашата држава. Од 1 јануари ќе се ослободат капацитети на природен гас кој ќе може да бидат увезени за потребите на топланите и „ТЕ-ТО“ во делот на производство на електрична енергија но најважно од се и за индустријата која користи природен гас. Многу е важно да се наведе фактот дека по зависноста на нашата држава, за прв пат се либерализира пазарот на природен гас согласно ЕУ директивите. Се зголемува конкурентноста во делот на трговија со природен гас и се укинува монополската улога“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Договорот предвидува зголемување на притисокот на компресорската станица со што капацитет на испораката ќе се зголеми за 500 илјади нормални кубни метри гас и ќе биде нешто над 3 милиони нормални кубни метри гас а тоа отвара можност за ослободување на дополнителни и досега неискористени капацитети.
Она што исто така е битно е дека со овој договор се зголемува опсегот на дозволениот состав на гасот што ќе овозможи диверсификација и увоз од различни снабдувачи а со изедначувањето на дозволените вредности на составот на гасот како што се во Грција и Бугарија, Северна Македонија го отвара пазарот за гас од Азербејџан, САД, Турција и течниот гас кој ќе се складира во Александрополи а за кој државата веќе има закуп.
Со договорот кој беше денес потпишан се менува и методологијата за пресметка на количината на гас и начинот на определување на квалитетот на гасот па отсега наместо во кубни метри ќе се пресметува во киловат часови. Се менува и времето на почеток на гасен ден од сегаѓниот 8 часот навечер на 6 часот попладне согласно нормите на ЕУ.
До 1 јануари кога договорот ќе стапи на сила двата оператори „ГА-МА“ и „Булгартрансгаз“ ќе го користат како тест период а дотогаш се очекува и потпишување на договори со нови снабдувачи.