Зголемување на безбедноста, засилена координација, соработка и комуникација за клучните теми кои го засегаат континентот – тоа се основите на кои ќе почива Европската политичка заедница утврдени на денешниот прв Самит на оваа организација. Шефови на држави и влади на 44 земји, од кои 27 членки на Европската унија, присуствуваа на собирот во Прага. Идејата е да се создаде европска заедница на земји кои споделуваат исти вредности.
Your browser doesn’t support HTML5
„Ја имаме можноста да видиме како можеме да ја подобриме соработката и координацијата со цел да имаме зголемена стабилност, безбедност, мир...“. изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Европската политичка заедница е иницијатива на францускиот претседател Макрон и таа доби на значење како и на динамика особено по руската агресија врз Украина.
„Денешниот состанок го покажува „единството“ на континентот додека се бори со последиците од руската војна против Украина. Целта е пред се да споделиме заедничко гледиште за ситуацијата што влијае на Европа и исто така да изградиме заедничка стратегија.“, истакна Емануел Макрон, претседател на Франција.
Пораките и од Брисел и од клучните земји членки се дека оваа заедница не претставува замена за членство во Европска Унија, ниту е закана за процесот на проширување чиј дел е и Северна Македонија, која летово ги почна преговорите за членство.
„Мислам дека станува збор за процес кој е одвоен од проширувањето... Државите кои сакаат да станат дел од ЕУ мислат дека ова е алтернатива, а всушност не е. Ова е платформа, база во која европските лидери ќе разговараат за главните прашања - денеска тема се Украина и безбедноста во Европа и се што е поврзано со енергетиката, економијата,климатските промени.“, заклучи Марк Руте, премиер на Холандија.
Премиерот Ковачевски кој ја вoди делегацијата во Прага се сретна со францускиот претседател, иницијатор на новата заедница кој, како што информираат од владата, ја потврдил поддршката на Париз за евроинтеграциите на Скопје. Покрај Украина, во Прага, едно од клучните прашања за кои се дебатирало била и енергетската криза која е резултат токму на руската агресија.
Се очекува преку диверзификација на изворите на енергија, соработка и солидарност Европа да ја преброди зимата. Западен Балкан, како еден од напогодените региони од оваа ситуација, бара и се надева на конкретна помош од Европската Унија.