Инспектори на ОН тргнаа кон нуклеарката Запорожје

Велат дека добиле „експлицитни гаранции“ од Русија дека мисијата од 14 експерти ќе може да ја заврши својата работа

Инспекторите на Обединетите нации денес тргнаа кон украинската нуклеарна централа Запорожје, долгоочекувана мисија за која светот се надева дека ќе помогне да се обезбеди објектот што е под контрола на Русија среде воена зона и да се избегне катастрофа, објави Асошиетед прес.

Нагласувајќи ја опасноста, Киев и Москва повторно се обвинија меѓусебно за напад на областа околу најголемата нуклеарна централа во Европа. Во последниве денови, централата беше привремено исклучена поради оштетување на далноводот од пожар, зголемувајќи ги стравувањата дека борбите би можеле да доведат до големо истекување на радијација или дури и до топење на реакторот.

Ризиците се толку сериозни што властите почнаа да делат таблети со јод против зрачење на околните жители. Локалните власти поддржани од Русија денес тврдеа дека украинските сили постојано ја гранатирале територијата на централата и дека нападите со беспилотни летала ја погодиле административната зграда и центарот за обука на фабриката.

Регионалниот гувернер на Украина Валентин Резниченко, во меѓувреме, рече дека град преку реката од централата бил под силен артилериски оган во текот на ноќта.

„Ова се чини дека е нуклеарна уцена на локалното население и меѓународното општество“, рече Резниченко на Телеграм.

Комплексот, витален извор на енергија за Украина, е окупиран од руските сили и управуван од украински работници од почетокот на војната.

Украина тврди дека Русија во суштина ја држи фабриката како заложник, складира оружје таму и извршува напади од околината, додека Москва ја обвинува Украина за непромислено пукање врз објектот.

Инспекторите на ОН велат дека добро ги знаат импликациите на мисијата, додавајќи дека добиле „експлицитни гаранции“ од Русија дека мисијата од 14 експерти ќе може да ја заврши својата работа.

Украина вчера ги обвини Русите дека ги бомбардирале патиштата што мисијата планирала да ги користи за пристап до централата, тврдејќи дека тие се обидувале да ги охрабрат инспекторите да се движат низ областите контролирани од Русија.

Шефот за надворешна политика на Европската Унија Жозеп Борел, го обнови повикот до Русија, областа околу електраната целосно да се демилитаризира.