Нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, денес го обнови снабдувањето со електрична енергија за Украина, откако еден од шесте нејзини реактори беше повторно приклучен на украинската мрежа, соопшти државната нуклеарна компанија Енергоатом.
Најголемата европска нуклеарна централа, која се наоѓа во јужна Украина, беше исклучена од украинската мрежа првпат во својата историја вчера, откако пожар предизвикан од гранатирање оштети далновод, соопшти претходно Киев.
„Нуклеарната централа Запорожје е поврзана со мрежата и произведува електрична енергија за потребите на Украина“, се вели во денешното соопштение од Енергоатом.
Русија, која ја нападна Украина во февруари, ја презеде контролата врз нуклеарната централа во март, иако со неа сè уште управуваат украински техничари кои работат за Енергоатом.