Ќе има ли нови взаемни документи меѓу двете страни? – Бугарија вели да, Македонија - не

Your browser doesn’t support HTML5

Нова напнатост меѓу Скопје и Софија?

Дипломатски искричења меѓу Скопје и Софија – по едномесечно затишје во односите меѓу двете земји откако Северна Македонија го прифати францускиот предлог, дојде до ново разногласие меѓу министерствата за надворешни работи. Ќе има ли нови взаемни документи меѓу двете страни – Бугарија вели да, Македонија не.

Македонското МНР денеска излезе со остра реакција околу можноста за усогласување на нови документи како што вчера беше навестено од претставниците на новата бугарска службена влада.

„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија, и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори. Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, пишува во соопштението на МНР.

Ова всушност е одговор на вчерашниот настап на новиот шеф на бугарската дипломатија, Николај Милков, кој ја навести можноста за нов писмен документ со кој „ќе се дефинираат задачите на различни институции, организации во однос на тоа што треба да се направи во Бугарија за односите со земјава“, но и како што рече самиот Милков, „надеж дека ќе има процедура за консолидација и во Северна Македонија“.

Изјавата на новиот бугарски министер, опозицијата ја користи како аргумент дека стануваа збор за, како што го нарекува, дебакл на македонската дипломатија.

Ова значи дека написмено ќе се уредат сите тие како што ќе кажат “обврски“ за Македонија и тие обврски ќе се однесуваат за македонските институции. Ете до каде не дотера измеќарскиот менталитет на Ковачевски и СДСМ. Ова е погазување на суверенитетот на Македонија. Немањето на стратегија на владата на СДСМ и Ковачевски остава простор Бугарија да диктира како што ќе кажат “систематски пристап“ , со цитирам “ јасно запишани задачи и одговорности, за да може да се очекуваат и резултати“, изјави Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.

Следеше брза реакција од владејачката партија и нови обвинувања до опозицијата дека „работи во спротивност на државните интереси“.

„И денеска ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста. Многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница. Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да лаже кога станува збор за државните и националните интереси.“, изјави Дарко Каевски, СДСМ.

Минатата седмица во Софија нова, преодна влада, во чин состав е Николај Милков, положи заклетва. Таа ќе биде на должност до новите парламентарни избори закажани за 2 октомври. Ова се четврти избори во Бугарија за нецела година и пол.