Линкови за пристапност

Министерката за култура се огласи, ја дообјасни изјавата за слободата на творештвото


Бисера Костадиновска - Стојчевска: Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е
Бисера Костадиновска - Стојчевска: Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е

Во јавноста и меѓу домашните творци се појавија бројни критики за дел од изјавата што Костадиновска-Стојчевска ја даде за Гласот на Америка, а во која, меѓу другото, посочи да се создаваат дела со поведри содржини

Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура, вели министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска преку објава на „Фејсбук“.

Оваа нејзино дообјаснување доаѓа откако во јавноста и меѓу домашните творци се појавија бројни критики за дел од изјавата што таа ја даде за Гласот на Америка, а во која, меѓу другото, посочи да се создаваат дела со поведри содржини.

„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња кадешто навистина не видовме ништо добро“, посочи министерката во разговорот за Гласот на Америка.

Разговорот беше на тема дали е можна цензура врз домашното творештво поради одредбите за укинување на поддршката за домашни уметнички дела што не се во согласност со правилата за спречување на говорот на омраза, согласно Договорот за добрососедство со Бугарија.

Костадиновска – Стојчевска во нејзиното денешно дообјаснување истакнува:

„Додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања“.

Министерката воедно додава дека нема намера да дава насоки за домашните творци.

Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување“, истакнува Костадиновска - Стојчевска.

Во кусиот разговор за Гласот на Америка, министерката за култура посочи на поддршка и на секое филмско дело што ќе ја промовира македонската култура.

„Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет, би требало да ја има поддршката. Но, сепак, мораме да бидеме свесни дека мора да одиме напред. Мора да се ослободиме. Историјата нам повеќе не смее да ни биде затвор, туку да ни биде лекција“, вели Костадиновска – Стојчевска.

Во јавноста се појавија бројни реакции за дадените изјави, при што автори, филмаџии, театарски уметници изразија негодувања и стравувања дека е можна контрола врз нивното творештво.

„Министерке, книжевноста треба да е форма на отпор, нејзината улога е да критикува, да провоцира, а не да служи за забава“, реагира писателот Петар Андоновски.

Петар Андоновски, писател
Петар Андоновски, писател

Во кусиот разговор за Гласот на Америка, Андоновски посочи дека е неприфатливо некој друг да одлучува за подобноста на создадените дела.

„И стравот за иднината и за мене лично, како автор, е тоа што треба прво да внимавам што ќе пишувам, дека некој друг ќе одлучува дали тоа е прифатливо или не е прифатливо. И, впрочем што е говор на омраза, дали историската вистина е говор на омраза?, праша Андоновски.

Според македонскиот устав, цензурата е забранета, а слободата на говорот е гарантирана.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG