Северна Македонија го слави Илинден и во Прохор Пчински

Се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која на 2 август, кој е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и ќе доаѓаме тука за да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944, рече Пендаровски.

По осумнаесет годишна пауза државно-црковна делегација, на Илинден, го посети Прохор Пчински, манастирот каде на 2 август 1944 се одржа првото заседание на АСНОМ. На денот кога се одбележува државноста претседателот придружуван од владини министри и претставници на МПЦ беа на местото кое со децении беше проблематично за официјални посети поради нарушените односи меѓу црквите на двете земји. Тоа, од годинава се смета за надминато прашање откако СПЦ ја прифати автокефалноста на МПЦ Охридска Архиепископија. Денеска во параклисот на манастирот е поставена нова спомен плоча, со оригиналниот текст, со која се одбележува дека токму тука се одржало првото заседание на АСНОМ.

„Се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која на 2 август, кој е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и ќе доаѓаме тука за да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944. Со министерот за надворешни работи на Србија, Селаковиќ, кој беше од голема помош договоривме да се формира работна група на ниво на МНР од двете страни која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави.“, изјави Стево Пендаровски, претседател н Северна Македонија.

Пред посетата на Прохор Пчински шефот на државата, во Скопје, го имаше официјалното обраќање за 2 август. Во говорот Пендаровски повтори дека обединета Европа е патот напред за Северна Македонија, но без, како што рече, цензура на минатото.

Your browser doesn’t support HTML5

Во говорот Пендаровски повтори дека обединета Европа е патот напред за Северна Македонија, но без, како што рече, цензура на минатото.

„Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичка влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда.“, изјави Стево Пендаровски, претседател н Северна Македонија.

Денеска шефот на државата постхумно ги одликуваше Крсте Црвенковски, Невена Георгиевска Дуња и Трајанка Аврамовска, како и преживеаните учесници во НОБ.

Никола Стојановски, Јован Величковски, Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева.