Линкови за пристапност

Џафери:„Се поделивме на предавници и патриоти, на европејци и русофили,на албанофоби и бугарофили“


„Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани“, порача спикерот Џафери од меморијалниот центар Пелинце


ПЕЛИНЦЕ - Претседателот на Собранието Талат Џафери, ја предводеше државната делегација, на прославата на Денот на Републиката - 2 август Илинден, под мотото „Илинден - нашата сила за иднината“, во меморијалниот центар Пелинце. Во своето обраќање тој повика на обединување за подобро утре, стабилна и просперитетна држава и подобар живот за идните генерации.

„ Илинден е единствениот концепт кој што ја опишува вредноста и основата од која сите поаѓаме и во која наоѓаме сила за продолжување понатака во градењето на заедничката иднина на нашата заедничка држава. За нас, за нашите идни поколенија, идни граѓани на европското и светското семејство на народи, славејќи ги и празнувајќи ги вредностите кои не обединуваат и поврзуваат, вредности кои не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Постулатите со кои се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, со кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава се најцврстата основа врз која ќе продолжиме да чекориме како и досега. Ако се однесуваме одговорно и разумно кон државата и граѓаните, со взаемна почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право, тогаш патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци“, рече Џафери.

Тој нагласи дека секоја нова тешкотија, секоја нова пречка е тест за државата, тест за институциите и за граѓаните, и дека тоа фрустрира и прави поделби во секоја пора од општеството.

„Ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци, А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел. Сепак, и во тие лоши времиња на делби, имаше и се уште има луѓе со јасна визија и искрена намера да не се дозволи да се изгуби тоа што е одамна стекнато, и тоа не на лесен начин и предадено во аманет.Идентитетот не е нешто што се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас. Тоа што сме го слушале и учеле од нашите предци, тоа што ќе им го кажуваме и предадеме на нашите идни поколенија“, порача Џафери.

Собранискиот спикер кажа дека ќе се соочуваме со нови предизвици за раст и развој на државата, зачувување на мирот и безбедноста, економски просперитет и стабилност.

„ Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани“, рече Џафери.

Во своето обраќање тој кажа дека мора да бидеме обединети бидејќи сме мали да се бориме со битките со кои се соочуваме секојдневно но и дека сега повеќе не сме бидејќи државата е членка на НАТО.

XS
SM
MD
LG