Го признаваме правото на граѓаните мирно да ги изразат своите позиции и ги повикуваме сите да се воздржат од какво било насилство на протестите, изјави за Гласот на Америка на македонски портпарол на Стејт департментот.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против осум полнолетни лица за нападот на собраниската зграда и полицијата. Осомничени се и три малолетни лица за кои ќе се води посеба постапка.
„Го признаваме правото на граѓаните мирно да ги изразат своите позиции и ги повикуваме сите да се погрижат ваквите протести да се воздржат од какво било насилство. Северна Македонија ги постави темелите и сега е време да се придвижи напред кон следната фаза во процесот на пристапување“, се вели во изјавата од Стејт департментот.
Во неа се додава дека „САД се силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Ние веруваме дека иднината на Западен Балкан е директно во рамките на ЕУ. Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион. Ги забележуваме многуте изјави на лидерите на ЕУ за важноста на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ за зајакнување на безбедноста на Европа, како и нашата колективна безбедност“.
„Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот, и за Европа пошироко, ги охрабруваме нашите пријатели да ја искористат оваа можност за да го започнат процесот на пристапување во ЕУ“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Владата денес соопшти дека ја испратила на разгледување во Собранието преговарачка рамка за ЕУ.
„Владата на Република Северна Македонија, на денешната 59-та седница, ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија. На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Партиските работни групи вчера не успеаја да се усогласат какви насоки и задолженија ќе ѝ дадат на оваа и на наредните влади од кои никогаш нема да смеат да отстапат во пристапниот преговарачки процес со ЕУ и по цена да излезат од преговорите.