Линкови за пристапност

Северна Македонија и Бугарија треба да најдат решение што е можно побрзо, вели Европската комисија


Внимателно го следиме развојот на настаните и ги поздравуваме напорите на француското претседателство да ја унапреди нашата цел итно да ги отвориме формалните пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, рече портпаролката на ЕК
Внимателно го следиме развојот на настаните и ги поздравуваме напорите на француското претседателство да ја унапреди нашата цел итно да ги отвориме формалните пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, рече портпаролката на ЕК

Внимателно го следиме развојот на настаните и продолжуваме да ги охрабруваме Бугарија и Северна Македонија да постигнат взаемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања, изјави за Српската редакција на Гласот на Америка Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.

Македонската влада денес го објави францускиот предлог за Преговарачката рамка и заклучоците на Советот на ЕУ.

„Ги поздравуваме напорите на француското претседателство да ја унапреди нашата цел итно да ги отвориме формалните пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, но секако дека на крајот одговорноста е на земјите-членки. Внимателно го следиме развојот на настаните и продолжуваме да ги охрабруваме Бугарија и Северна Македонија да постигнат взаемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања како приоритетно прашање. Треба да се најде решение што е можно поскоро, што ќе придонесе формално да започнат пристапните преговори“, изјави Писонеро.

Таа рече дека руската агресија против Украина само ја нагласува потребата да се забрза процесот на пристапување на Западен Балкан.

„Западен Балкан е приоритет за ЕУ. Ние сме целосно и недвосмислено посветени на нивната перспектива за членство и унапредување на нивниот пристапен процес. Иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ“, изјави Писонеро.

САД изјавија дека дипломатските напори ќе продолжат и оти и натаму ќе ја нудат поддршката онаму каде што е потребно.

„САД силно ја поддржуваат интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Ги земаме предвид изјавите на лидерите на ЕУ дека тоа ќе ја зајакне европската и нашата колективна безбедност. Двете земји презедоа значајни чекори за реализација на оваа цел и нивното пристапување сега треба да напредува. Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош“, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот.

Премиерот Димитар Ковачевски денес рече дека „македонскиот јазик во преговарачката рамка е македонски јазик, сите идентитетски прашања се заштитени зашто тоа беа нашите клучни барања. Овој предлог ќе оди во Собранието“.

Владата најави дека консултациите ќе продолжат во наредните денови. Предвидени се разговори со експертката јавност, невладините организации, но и со опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека не го прифаќа овој нов француски предлог и повика на масовен протест утре пред Владата.

XS
SM
MD
LG