Линкови за пристапност

Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е чекалница без резултати, велат експерти во Вашингтон


Одложувањето на пристапниот процес во најлош случај може да доведе до дестабилизација на балканските земји, кои се чини дека се оставени сами на себе во решавањето на старите проблеми, вели Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ
Одложувањето на пристапниот процес во најлош случај може да доведе до дестабилизација на балканските земји, кои се чини дека се оставени сами на себе во решавањето на старите проблеми, вели Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ

Актуелниот процес на пристапување на Западен Балкан во Европската Унија е чекалница без резултати, изјави за Српската редакција на Гласот на Америка Пол Мекарти, директор за Европа во Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Вашингтон, сумирајќи го епилогот и пораките од неодамна одржаниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел.

„Не би рекол дека ЕУ го напуштила регионот, но дефинитивно е преокупирана со руската агресија врз Украина, обидувајќи се да утврди какви би можеле да бидат сите последици за неа. Тука особено се осврнувам на можните економски последици и начините на кои Унијата ќе се справи со нив. Ова сега е во преден план, што влијаеше на накој начин Западен Балкан да излезе од преден план. Не мислам дека во овој момент Брисел ќе понуди некакви решенија во однос на овој регион“, рече Мекарти.

Освен поради неопходните фундаментални реформски препреки, европскиот пат на државите од Западен Балкан често е блокиран од самите членки на Унијата, како што е примерот со Северна Македонија, но и Албанија, кои се` уште немаат датум за почеток на пристапните преговори.

Заедно со нив, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, исто така, беа настрана од главниот колосек, и покрај децидните тврдења, и на САД и на Европската комисија, за важноста на интегрирањето на овој регион.

Мекарти предупредува дека сегашниот застој може да има последици во контекст на повеќемесечната војна што Русија ја води против Украина.

„Во најлош случај, што се надевам дека нема да се случи, тоа може да доведе до дестабилизација на балканските земји, кои се чини дека се оставени сами на себе во решавањето на старите проблеми - како што е спорот меѓу Србија и Косово. Сепак, според пооптимистичкото сценарио, сегашните околности би можеле да ги наведат сами да ги решаваат споровите. Отворете ги границите, зајакнете ја економската соработка, размената во областа на културата. Оставам можност од сето ова сепак да излезе нешто добро“, вели тој.

Со својот сегашен однос кон Балканот, Европската Унија најголема услуга му прави на рускиот претседател Владимир Путин, вели Едвард Џозеф, предавач на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.

„Во Белград, Александар Вучиќ, еден од главните сојузници на Путин и функционер на европска земја која не воведува санкции кон Русија, има аргумент да каже - зошто би направил нешто кога Европската Унија не ги исполнува своите обврски. Исто така, многу проблематичните политички сили во Северна Македонија поврзани со Русија и кои негуваат популистички и теории на заговор добиваат сила. Исто така, во Босна и Херцеговина оставате широк терен за конфликтите на националистите како Милорад Додик, Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ пред ноемвриските избори“, рече Џозеф.

Тој додаде дека „Србија го има и го бара она што очајно го сакаат нејзините соседи Северна Македонија и Албанија. Иронијата е што Србија е кандидат за членство во Европската Унија - која не ги отвори сите преговарачки поглавја како Црна Гора. Во тоа не ја попречуваат Бугарија или Франција со предлози кои можат да се толкуваат на различни начини. Србија се блокира сама себеси и за тоа треба да биде свесен и Оливер Вархеји. Нема причина да се разбере позицијата на Србија во однос на Русија, ниту пак нејзината неподготвеност да воведе санкции кон Русија“.

Портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро, за Српската редакција на Гласот на Америка минатата недела рече дека внимателно го следат развојот на настаните и оти продолжуваат да ги охрабруваат Бугарија и Северна Македонија да постигнат взаемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања.

„Ги поздравуваме напорите на француското претседателство да ја унапреди нашата цел итно да ги отвориме формалните пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, но секако дека на крајот одговорноста е на земјите-членки. Внимателно го следиме развојот на настаните и продолжуваме да ги охрабруваме Бугарија и Северна Македонија да постигнат взаемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања како приоритетно прашање. Треба да се најде решение што е можно поскоро, што ќе придонесе формално да започнат пристапните преговори“, изјави Писонеро.

Таа рече дека руската агресија против Украина само ја нагласува потребата да се забрза процесот на пристапување на Западен Балкан.

„Западен Балкан е приоритет за ЕУ. Ние сме целосно и недвосмислено посветени на нивната перспектива за членство и унапредување на нивниот пристапен процес. Иднината на целиот Западен Балкан е во ЕУ“, изјави Писонеро.

САД изјавија дека дипломатските напори ќе продолжат и оти и натаму ќе ја нудат поддршката онаму каде што е потребно.

„САД силно ја поддржуваат интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Ги земаме предвид изјавите на лидерите на ЕУ дека тоа ќе ја зајакне европската и нашата колективна безбедност. Двете земји презедоа значајни чекори за реализација на оваа цел и нивното пристапување сега треба да напредува. Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош“, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот.

XS
SM
MD
LG