Поддршка од Северна Македонија за Финска да стане членка на НАТО и поддршка од Финска за Северна Македонија што е можно побрзо да ги почне преговорите со ЕУ.
Тоа е главната порака што ја пратија Димитар Ковачевски и Сана Марин по средбите во Скопје.
Геополитичките поместувања по руската инвазија врз Украина ги натераа властите во Хелсинки и во Стокхолм да ја прекинат политиката на неутралност и да побараат прием во Алијансата – процес што се искомплицира поради противењето на Турција.
Официјално Скопје дава „зелено светло“ за прием на овие две земји, но, како што рече премиерот Димитар Ковачевски треба да се земе предвид загриженоста на сите членки на НАТО.
„Уште за време на мојата посета на НАТО отворено ја поддржав иницијативата на Финска и Шведска во НАТО. Се надевам дека наскоро ќе станат членки, иако треба да се земат предвид сите загрижености на сите НАТО членки. Се надевам дека наскоро ќе се надмине застојот. Деновиве го овластивме нашиот амбасадор во НАТО да ги потпише пристапните протоколи за Шведска и Финска кога за тоа ќе дојде време. Членството на овие две земји во НАТО е многу важно особено за стабилноста во Европа, особено во ситуација кога имаме неоправдана руска агресија врз Украина, што доведе до промена на европската безбедносна политика“, рече Ковачевски.
Сана Марин, која е прва финска премиерка што ја посетила државава, e оптимист дека турските забелешки за членство на нејзината земја и Шведска во НАТО, пред се` поради, како што аргументира Анкара, поддршката на курдските организации, ќе бидат надминати до крајот на месецот.
„Во прашање е политиката на отворени врати на НАТО“, изјави Марин, и додаде: „Турција, Шведска и Финска разговарат за ова прашање... Ги исполнуваме сите критериуми за зачленување во НАТО, веќе трошиме повеќе од 2 процентa од БДП за одбрана. Ние ќе ја зацрстиме целата Алијанса. Немаме проблеми да одговориме на барањата и обврските во НАТО. Турција кажа дека не би требало да има проблеми ако сакаме да се зачлениме, но кога посакавме да станеме членка, тие ја променија позицијата. Сите овие прашања можат да бидат решени, можеби има некои недоразбирања од страна на Турција кои би сакале да ги исправиме. Сметам дека е во интерес овој проблем да се реши пред самитот во Мадрид.“
Во однос на блокираните македонски евроинтеграции, Ковачевски повтори дека владата останува посветена на изнаоѓање решение со Бугарија, но не по цена на на македонскиот јазик и идентитетот.
Владата, се` уште не го соопштува ставот за т.н. француски предлог кој предвидува и акциски план за надминување на спорните прашања со Бугарија, што во одредени политички кругови во Скопје се смета за вметнување на билатерални прашања во преговарачката рамка со Унијата.
„Ние, како влада сме на став дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ во кој се разговара за преговори за пристапување во ЕУ, а билатералните прашања треба да се решаваат на билатерално ниво и затоа постои и Договорот со Бугарија“, рече Ковачевски.
Марин нагласи дека „нашата позиција во однос на Северна Македонија и Албанија е многу јасна – сакаме да видиме напредок, двете земји во иднина да станат членки на ЕУ. Мислам дека е одговорност на ЕУ да се осигура дека ситуацијата нема да остане замрзната, треба заедно за ова прашање да разговараме со Бугарија и да се осигураме дека ќе ги имаме насоки по кој пат треба да се движиме.“
Изминатите денови, по објавувањето на францускиот предлог, двете влади – и онаа во Скопје и онаа во Софија, се под силен притисок од домашната опозиција и дел од јавноста за содржината на документот, и има повици од двете страни за негово отрфлање.
Разврска се очекува оваа недела, кога за ова прашање во Луксембург и во Брисел прво ќе се расправа на министерско ниво на Советот за општи работи, а потоа на ниво на шефови на држави и влади на Европскиот совет.
Your browser doesn’t support HTML5