Северна Македонија и Албанија треба да бидат следните кои ќе го започнат процесот на меѓувладини конференции, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, прашан за коментар за можноста за брза ЕУ интеграција на Украина, пред Западен Балкан, поради руската инвазија.
„Мојот коментар е дека како специјален претставник за Западен Балкан, јас сум фокусиран на Западен Балкан и мислам дека Северна Македонија, заедно со Албанија, треба да бидат следните кои ќе го започнат процесот на меѓувладини конференции. Имаме многу блиска соработка со ЕУ кога станува збор за Украина, но, за жал, тоа не е моја област на одговорност. Мојата област на одговорност е да ѝ помогнам на Северна Македонија да ги постигне своите аспирации“, рече Ескобар.
Тој рече дека не постои замена за членството во ЕУ, и оти се надева дека „ Северна Македонија и Бугарија, кои се добри сојузници и ценети членки на НАТО, ќе можат да најдат начин да го решат ова преку компромис, дијалог и добра волја за преговори“.
„Ситуацијата во моментов е за пристапување во ЕУ. Тоа е во рацете на француското претседателство. Силно поддржавме, силно препознаваме дека секоја земја што влегла во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна. Тоа го сакаме за Северна Македонија. И тоа го сакаме и за остатокот од Западен Балкан“, рече Ескобар.
Тој нагласи дека Северна Македонија ги направила сите реформи потребни за да започне меѓувладина конференција.
„Секако се надевам дека Европската Унија го препознава стратешкиот момент во кој се наоѓаме. Северна Македонија ги направи сите реформи потребни за да започне меѓувладина конференција. Значи, не е само дека Северна Македонија треба да биде во Европската Унија, туку Северна Македонија ни е потребна во Европската Унија. Ни треба целиот Западен Балкан во ЕУ. Идејата што ја започнавме во 1989 година за создавање на Европа како цела, слободна и мирна, сè уште не е комплетирана и сè уште треба да продолжиме да работиме на тоа“, изјави Ескобар, додавајќи дека една од целите на стратешкиот дијалог е и да помогне да се порази корупцијата во државата.
Целото интервју на следниов линк: https://mk.voanews.com/a/6601502.html