Ветото на Бугарија е голем проблем за интересите на ЕУ, вели конгресменот Прајс

Правото една земја-членка да блокира влез на друга држава поради сопствени интереси го кочи исполнувањето на целите што се од витален интерес на Унијата, рече за Гласот на Америка конгресменот

Европската Унија треба да размисли да ја промени политиката на вето по бугарската блокада за Северна Македонија, рече за Гласот на Америка демократскиот конгресмен Дејвид Прајс.

Според него, правото една земја-членка да блокира влез на друга држава поради сопствени интереси го кочи исполнувањето на целите што се од витален интерес на Унијата.

Самитот на ЕУ во јуни е следна шанса Бугарија да го тргне ветото за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

„Оваа политика на поединечни земји да можат да стават вето врз членството и потоа да дозволат нивните индивидуални поплаки да застанат на пат на поголемото добро, како пријателски набљудувач на ЕУ, би рекол дека тоа е голем проблем “, вели Прајс.

Тој смета дека визијата за обединета Европа не треба да се изгуби поради препукувања со вето и билатерални разлики.

„Нема да судам за деталите за спорот меѓу двете држави, само велам дека спорот треба да се реши и да продолжиме понатаму. И самата ЕУ има удел во ова, не е само прашање меѓу две земји. Идејата е дека земјите навистина треба да го зацртаат својот сопствен курс, нивниот политички и економски курс. Тие се посилни кога соработуваат, кога се обединети, тоа е визијата и не сакаме да ја изгубиме поради оваа кавга за вето и поплаки на поединечни членки. Многу загрижувачки е што во ова критично време, пораката е дека Бугарија не може да ги реши своите проблеми. Тоа не е вистинската порака и не ја одразува целокупната важност на ова прашање“, рече Прајс.

Според него, стратешкиот дијалог меѓу македонската и американската влада што треба да се одржи во Вашингтон на 2. јуни не може да го компензира членството на државата во Европската Унија.

„Пријателството и поддршката на САД се исклучително важни и ние сме дел од тоа преку парламентарниот ангажман. Но, ЕУ е исклучително важна, како и интегрирана Европа, каде што земји како Северна Македонија можат да бидат дел од Западот и да промовираат демократија, но и да промовираат просперитет и економски развој во сопствената земја, и да ги имаат овие врски на економски односи, трговија и така натаму, е многу важно“, изјави Прајс.

Тој е скептичен за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон да се формира европска политичка заедница надвор од ЕУ, во која ќе бидат вклучени и кандидатите за членство во Унијата.

Според Прајс, тоа би значело сегментација на Унијата и различни класи на членство.

„Нешто помалку од целосна интеграција не ми изгледа како остварлива идеја. Многу повеќе сум заинтересиран деновиве за предлогот што доаѓа од Италија дека можеби оваа политика на вето би се променила за да можат земјите полесно да се приклучат и да се интегрираат како полноправни членки на ЕУ“.

Вчера, францускиот претседател Макрон, во одвоени телефонски разговори со премиерот Димитар Ковачевски, бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков, повикал на брз дијалог за решавање на спорот меѓу двете држави, соопшти неговиот кабинет.

Француското претседателство со Советот на ЕУ завршува на 30. јуни.

Your browser doesn’t support HTML5

Прајс: Ветото на Бугарија не треба да биде поважно од интересите на ЕУ