Руското Министерство за одбрана во објави дека 959 украински војници се предале оваа недела во последното упориште во опколениот пристанишен град Мариупол.
Портпаролот на Министерството за новинарите изјави дека бројот вклучува 694 кои се предале во изминатите 24 часа.
Украинските власти не ги потврдија бројките.
Заменик-министерката за одбрана Ана Маљар, изјави дека повеќе од 260 борци ги напуштиле урнатините на фабриката за челик Азовстал и се предале на руските сили, во согласност со бројките дадени од Русија. Москва ја нарече операцијата - масовно предавање. Украинците, наспроти тоа, рекоа дека нивниот гарнизон ја завршил својата мисија.
Под постојано руско гранатирање, за кое Украина проценува дека загинале 20.000 цивили во Мариупол, голем дел од градот е претворен во урнатини. Она што остана од него се наоѓа помеѓу руското копно и полуостровот Крим, кој Русија го припои од Украина во 2014 година.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, изјави за новинарите дека е „тешко да се знае“ што значи крајот на борбените операции во Мариупол.
„Долго разговаравме за значењето на Мариупол како големо економско пристаниште и исто така географски релевантно за борбите на исток“, рече Кирби.
Шведска и Финска ги претставија своите апликации за приклучување кон НАТО денеска во Брисел, при што амбасадорите од двете земји се сретнаа со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. „Ова е добар ден во критичен момент за нашата безбедност“, им рече Столтенберг на новинарите.
“Секој народ има право да си го избере својот пат. Направивте свој избор по темелни демократски процеси и јас топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за влез во НАТО. Потезите доаѓаат како одговор на руската инвазија на Украина и претставуваат големи промени и за Шведска и за Финска, кои долго време останаа надвор од таквите сојузи“, оцени првиот човек на НАТО.
Нивните апликации мора да бидат одобрени од сите 30 постојни членки на НАТО. Турција го изрази своето противење, при што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини Шведска и Финска дека им даваат безбедно засолниште на „терористите“ и воведуваат санкции кон Турција.