Русија во понеделникот предупреди на „далекосежни последици“ доколку Финска и Шведска се приклучат на западната воена алијанса на НАТО.
Руските новински агенции го цитираа заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков дека „општото ниво на воени тензии ќе се зголеми“ и дека безбедноста на Финска и Шведска нема да се подобри.
„Тие не треба да имаат илузии дека ние ќе го трпиме ова“, рече Рјабков.
Финскиот претседател Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин ја објавија кандидатурата за членство во НАТО во неделата во претседателската палата во Хелсинки.
„Ова е историски ден“, рече Ниинисто. „Почнува нова ера“.
Се очекува и Шведска да побара влез во алијансата. Шведската владејачка партија во неделата се откажа од своето противење за пристапување во НАТО.
Апликациите за НАТО на двете нордиски земји најверојатно ќе се придвижат брзо, при што генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, во последните денови изјави дека тие ќе бидат добредојдени.
„Финска и Шведска се веќе најблиските партнери на НАТО“, рече заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана во неделата во Берлин, каде што членките се состанаа за да разговараат за нивната континуирана поддршка на Украина против руската инвазија и проширувањето на Атлантската алијанса.
Русија го прекина снабдувањето со струја на Финска како очигледна одмазда за нејзината кандидатура за членство во НАТО. Финска добива 10 отсто од својата енергија од Русија, а празнината сега ја пополнува Шведска.
Турција првично изрази загриженост за приклучувањето на Финска и Шведска на безбедносната алијанса, но во саботата рече дека не ја затвора вратата за можноста. Секое проширување на НАТО бара едногласна согласност од постојните членки.
„Не сум толку загрижен“, рече Ниинисто за ставот на Турција.
НАТО и САД во неделата изјавија дека Турција нема да застане на патот Финска и Шведска да се приклучат на НАТО. Турските власти во неделата им рекоа на министрите за надворешни работи во Берлин дека сакаат нордиските земји да ја прекинат поддршката за курдските милитантни групи присутни на нивната територија и да ги укинат забраните за некои продажби на оружје на Турција.
Врвните дипломати од САД и Украина се состанаа во неделата во Берлин за да разговараат за руската инвазија и влијанието што таа го имаше не само врз Украина, туку и врз остатокот од светот.
Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.