Финска и Шведска се очекува официјално да поднесат барање за влез во НАТО

Финските пратеници дебатираат за приклучување кон Алијансата по објавувањето на клучниот безбедносен извештај, претходно овој месец.

Финска и Шведска се очекува официјално да поднесат барање за влез во НАТО подоцна овој месец, како одговор на руската инвазија на Украина.

Двете земји, велат, дека активностите на Москва ја промениле безбедносната динамика во Европа и дека нуклеарните закани на Кремљ бараат колективна самоодбрана, којашто НАТО може да ја обезбеди.

Финските пратеници дебатираат за приклучување кон Алијансата по објавувањето на клучниот безбедносен извештај, претходно овој месец. Одлуката се очекува во наредните денови. „Јасно е дека сè се промени откако Русија ја започна војната во Украина, изјави финскиот министер за европски прашања Тити Тупураинен за Гласот на Америка: „Треба да ги носиме нашите сопствени одлуки сега според нашиот национален интерес. Кој е најдобриот начин да се обезбеди безбедност на Финците и Финска? Ние сме дел од Западот. И сега можете да видите дека ова членство во НАТО е еден вид финализирање на нашата западна интеграција“.

Тупураинен оцени дека дискусиите во Парламентот за поднесување формална апликација се добро напреднати.

„Сега изгледа многу веројатно дека ќе повикаме за членство во НАТО алијансата... Повеќепати ни беше кажано дека сме добредојдени, и веруваме дека е така. Имаме голема воена сила во Финска. Нашата одбранбена сила е многу силна“, изјави министерот Тупураинен.

Се очекува шведските владејачки Социјалдемократи да ја објават својата одлука за аплицирање за членство во НАТО на 15 мај. Двете земји, размислуваат да поднесат заедничка кандидатура.

Расположение на јавното мислење

Дури и во екот на Студената војна - нордиските земји заговараа внимателен курс на неутралност и неврзаност, додека сојузниците на САД во НАТО и Русија се натпреваруваа за доминација во Европа.

Политичарите сега се водат од расположението на јавното мислење, кое доживеа драматична трансформација во период од неколку месеци, откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари.