Ликот и делото на Ванчо Михајлов очигледно стануваат прашања кои дополнително ги отежнуваат односите меѓу Скопје и Софија, а со тоа и го усложнуваат процесот на разговори од кој зависи деблокадата на македонските евроинтеграции.
Во дебатата за контроверзниот Михајлов, која се актуелизираше со отворањето на клубот именуван по него изминатиот викенд во Битола, се вклучија и претседателите на двете земји.
Прв почна Румен Радев со изјавата дека „Михајлов е човекот кој одбил Хитлер да ја вклучи Македонија во братоубиствена војна со Бугарија“.
Следеше реакција на Стево Пендаровки откако за оваа тема беше прашан на прес-конференцијата со латвискиот претседател, Егилс Левиц.
„Постојат потврдени историски факти и извори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година, по негова директна инструкција, доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Откако не добива поддршка од локалното население, рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти, не морале. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, за остварување сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно, би зборувале за воен злосторник, за убиец итн. Не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, рече Пендаровски.
Пендаровски му одговори на Радев и за тврдењето дека во времето на комунизмот во Македонија биле убиени десетици илјади луѓе кои се декларирале како Бугари.
„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 000 луѓе биле убиени во логори во Македонија во тоа време. Ниту еден извор, ни во бугарската, ни во македонската ни во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концлогори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи оток, денешна Хрватска. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10 000 наводно убиени е лага. Практично гола конструкција за политички цели“, вели Пендаровски.
Свое видување за проблемот имаше и претседателот на Латвија Егилс Левиц, земја – членка на ЕУ, која и самата доаѓа од регион со бурна историја и отворени прашања меѓу соседите.
„Доколку ја погледнете мапата на ЕУ ќе видите многу точки каде има разлики во однос на историјата и тоа не се случува само овде меѓу Бугарија и Северна Македонија. Меѓутоа ЕУ не е надлежна да ги решава ниту да дискутира за тие историски прашања. Надлежноста на ЕУ е предвидена со договорот за основање на ЕУ и таму нема да најдете ништо во однос на историските спорови. Ако го погледнете процесот на пристапување, тогаш само прашањата што припаѓаат под надлежност на ЕУ треба да бидат оценети. Не е ЕУ таа што треба да решава за тоа. Мислам дека во процесот на пристапување, ние сме сите демократски држави, историските спорови треба да се стават на страна. Јас би кажал дека историските разлики не смеат да бидат причина да се оспори капацитетот на земја-кандидат да продолжи на патот на пристапување кон ЕУ. Тоа е нашата позиција и сметам дека е и позиција на ЕУ“, рече Левиц.
Неговата позиција е дека Унијата мора да внимава на својот кредибилитет, дека мора да се придржува до дадените ветувања, особено во делот на проширувањето и особено во овој период кога Европа се соочува со огромна безбедносна криза поради руската агресија врз Украина.
Но, со ваквиот развој на ситуацијата и продлабочувањето на јазот меѓу Скопје и Софија за отворените историски прашања, шансата за скорешен пробив во блокираните евроинтеграции изгледа се помала.
Your browser doesn’t support HTML5