Посетата на највисоките бугарски власти изминатиот викенд на Северна Македонија предизвика лавина реакции во македонската јавност, особено отворањето на бугарскиот културен центар во Битола, кој го носи името на Ванчо Михајлов, а каде присуствуваше и бугарскиот премиер Петков. Поранешниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров, смета дека e потребен целосен пресврт во македонската политика кон Бугарија, што ќе се темели на достоинството на нацијата, на европските принципи и на меѓународното право.
„Ваквата политика не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи ја и парадата во Битола“, вели Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи.
Именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на таа благородна кауза, стои во реакцијата на претседателот Пендаровски.
„Во Битола беше направен обид, еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, вели Пендаровски.
Поранешниот македонски амбасадор Ѓорѓи Филипов, вели дека посетата била тест за трпението на земјава да поднесе дипломатски и политички под наводници удари и да ја отпочне борбата околу отпочнувањето на преговорите со ЕУ.
„Сметам дека тестот беше договор меѓу спротиставените политички партии во бугарскиот парламент, од чии редови доаѓаа посетителите во Битола и Охрид, за на лице место се уверат сите претставници во издржливоста на македонската посветеност на европската агенда. Овој пат зборот тест го сметам нешто како помеѓу провокација и искреност“, вели Филипов.
Бугарската позиција во однос на македонските евроинтеграции ја бетонира и заменик претседателката Илијана Јотова. Таа од Охрид изјави дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е единственo прашање за да Бугарија го тргне ветото за земјава. Пет години од потпишувањето на Договорот за добрососедство ниту еден од текстовите во пракса не бил реализиран.
„Ние ги поставивме и условите за определени текстови во учебниците во средното образование. Потребно е да се промени и методологијата за изработка на учебниците, а историската комисија меѓу двете земји заедно да ги утврди текстовите и тие соодветно да се внесат во учебниците. Второ, бараме отворање на архивите за извршените злосторства и прогонот на лицата само затоа што покажале бугарска самосвест и трето е сквернавењето на спомениците, како што беше случај со уништувањето на надгробната плоча на еден бугарски офицер“, вели таа.
Екс амбасадорот Филипов поради ваквите бугарски услови, смета дека земјава уште долго ќе чека на почеток на преговорите.
„Тогаш тоа нема да се случи во скоро време, бидејќи самите преговори околу учебниците, можат да траат или работата на историската комисија, можат да траат долго време. И, тие две работи не треба да се повлекуваат, да се поврзуваат едни со други. За сквернавење на споменици не ми е познато на што се однесува тоа. Тоа се појави кои не можат да бидат услов. Такви работи има секаде. Тие треба да се пронајдат, но дека нешто нема да се случи утре, тоа никој не го гарантира“, вели Филипов.
Филипов додава дека земјава својот развој не треба да го врзува исклучиво со тоа кога ќе почнат преговорите или кога ќе завршат преговорите за членство во ЕУ.