Се погласни се пораките од дел од европските престолнини дека Унијата не смее да си дозволи уште еден кикс во проширувањето. Тие се приклучуваат на обидите на дипломатите во Брисел за деблокада на процесот во кој се заглавени и Скопје и Тирана. Како аргумент, кој се почесто се слуша, а со кој се бара од Софија да се издигне над тесно националните интереси, е војната во Украина.
Верувам дека следните месеци ќе бидат многу важни за можноста Северна Македонија да ги отвори преговорите за пристапување кон Европската унија. Сметам дека тоа прашање веќе не смее да се одложува.Фико, претседател, Дом на пратеници, Италија
„Верувам дека следните месеци ќе бидат многу важни за можноста Северна Македонија да ги отвори преговорите за пристапување кон Европската унија. Сметам дека тоа прашање веќе не смее да се одложува. Уште повеќе во контекст на војната во Украина, целта Западниот Балкан да биде прв стратешки партнер на ЕУ е од суштинско значење за Италија. Сметам дека во ЕУ никој не може ова да го негира и се надевам дека тоа ќе биде препознаено како суштински приоритет.“, изјави Роберто Фико, претседател на Домот на пратениците во Италија.
„Картата“ на која играат властите во Скопје, покрај тврдењата дека руското однесување во Европа го трансформираше проширувањето во безбедносно прашање, е и фактот дека секое одложување во ЕУ процесите носи на намалување на поддршката кај граѓаните.
Your browser doesn’t support HTML5
„Нагласив дека очекуваме во рамките на француското претседавање со Советот на ЕУ а особено од планираниот Самит посветен на Западен Балкан и проширување во јуни оваа година, да се испратат јасни и конкретни пораки до сите земји-членки и особено до нашиот источен сосед Република Бугарија, дека започнувањето на преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија е повеќе од императив и секое натамошно одолговлекување ќе значи натамошно влошување на ситуацијата.“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието на Северна Македонија.
На иста линија беа и изјавите на македонскиот и црногорскиот претседател Пендаровски и Ѓукановиќ пратени од Цетиње. Но, прашање е колку регионалниот интерес ќе успее да надвладее во бугарските владини кругови каде нема единство за македонските евроинтеграции. Официјално, ставот на бугарската дипломатија е – нема отстапки.
„Министерството за надворешни работи сака многу јасно да изјави бугарската позиција во однос на пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ останува непроменета. Ние се придржуваме до рамковната позиција усвоена од Собранието и од Консултативниот совет за националниот совет.“, истакна Велислава Петрова, заменичка-министерка за надворешна политика на Бугарија.
Владината коалиција во Софија е во сериозна криза поради неколку отворени прашања, вклучувајќи го и она за Македонија. Линијата на раздвојување во 4 партитната влада е - на една страна позитивниот пристап на премиерот Кирил Петков, а на друга ригидните ставови на „Има таков народ“ на Слави Трифонов и бугарската социјалистичка партија. Ваквиот распоред на силите во Софија, барем засега, не остава многу простор за оптимизам за скорешно решение.