Првата амбасадорка на Македонија во Вашингтон Љубица Ачевска ќе финансира програма за македонски студенти и матуранти што сакаат да добијат обука за работа во Конгресот на САД.
Програмата, што во нејзина чест ќе ја реализира Обединетата македонска дијаспора (ОМД), ќе важи само за Македонците кои живеат во САД, со цел да им се даде можност да се запознаат со американскиот законодавен процес преку пракса со член на Конгресот.
Идејата е да се создаде поангажирана македонска заедница која ќе биде активна во американскиот граѓански процес.
„Обединетата македонска дијаспора ги инспирира, зајакнува и ги обединува Македонците, особено нашата младина, и со задоволство ќе помогнам во развојот на кариерата на нашата младина“, рече амбасадорката Ачевска, објави ОМД.
Претседателот на ОМД Мето Колоски додаде дека апликантите што ќе бидат избрани за програмата „ќе добијат стипендија за време на нивната практикантска работа и ќе бидат дел од можностите за менторство и програмите за обука за лидерство што ги води ОМД“.
Ачевска е првата македонска амбасадорка во САД, која работеше на градење на билатералните односи со САД, и на врските со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка.
Минатата година, Гласот на Америка објави дека Ачевска била иницијатор за формирање на неформален клуб на амбасадорки во Вашингтон, кој функционира и денес.
Таа, за Гласот на Америка, потврди дека го иницирала формирањето на овој клуб, без да сподели дополнителни детали.
Македонија денес нема претставник во клубот, бидејќи во моментов нема ниту амбасадор во Вашингтон.
За клубот на жени амбасадорки во Вашингтон има и книга. Авторката Сузан Слоун, за Гласот на Америка тогаш кажа дека книгата помогнала во подобрување на родовата еднаквост ширум светот.