Линкови за пристапност

Македонскиот филм „Исцелител“ одлично примен од публиката во Вашингтон


Македонскиот филм „Исцелител“ одлично примен од публиката во Вашингтон
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

По одличните реакции на публиката во Вашингтон, филмот „Исцелител“ во јануари ќе биде прикажан на врвниот универзитет Стенфорд, а потоа и во Њујорк, Далас, Хјустон и Мајами

Публиката во Вашингтон со одушевување ја дочека проекцијата на македонскиот филм „Исцелител“, кој синоќа беше прикажан во Лендмарк киното во главниот град на САД.

Одличен филм, реална приказна, дело кое заслужи да биде селектирано во трката за Оскар. Ова се само дел од оценките на гледачите кои ги анкетиравме за Гласот на Америка.

Мислам дека овој филм навистина требаше да добие Оскар
Елизабет Голдстин, посетителка

Покрај Македонци, меѓу публиката имаше и многу посетители од други земји, како што беше Елизабет Голдстин, која потекнува од Јамајка, а живее во Вирџинија. На проекцијата дошла по препорака на нејзини пријатели од Србија.

„Мислам дека овој филм навистина требаше да добие Оскар. Ова е еден од најдобрите филмови кој сум го гледала, пред се од аспект на хуморот и интеракцијата меѓу таткото и синот. Тој однос е реален, не е лажен. И затоа мислам дека заслужува Оскар“, вели Голдстин.

Филмот е навистина добро направен, иако не беше селектиран за Оскар
Димитар Јеренски, посетител

„Навистина уживав. Одлично раскажана приказна. Јас сум од Бугарија, мошне блиску до Македонија. Ова е многу трогателна приказна за татко и син и нивната битка со тешкиот живот. Филмот е навистина добро направен, иако не беше селектиран за Оскар“, вели Димитар Јеренски, посетител од Бугарија.

Меѓу донаторите кои што ја овозможија проекцијата беше и поранешната и прва амбасадорка на Македонија во САД Љубица Ачевска.

„Филмот беше одличен. По проекцијата луѓето, додека излегуваа од салата, коментираа дека филмот беше многу добар. Се потсетив кога бев на Оскар за филмот „Пред дождот“. Мислам дека и овој филм требаше да биде таму и да се прикаже, бидејќи овој филм е голем успех“, вели Ачевска.

Македонија има 100 години филмска историја и во иднина планираме и македонски филмски фестивал во Вашингтон
Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.

Од Обединетата македонска дијаспора, која ја организираше проекцијата, велат дека филмот „Исцелител“ е одлична промоција за Македонија и македонскиот филм.

„За нас успех е кога има полна сала и кога има и луѓе кои не се Македонци, а токму на оваа проекција имаше доста пријатели на Македонија и луѓе кои што прв пат дознаа за македонскиот филм „Исцелител“. Се надеваме дека оваа проекција ќе биде одлична можност за да прикажеме уште повеќе филмови. Македонија има 100 години филмска историја и во иднина планираме и македонски филмски фестивал во Вашингтон“, рече Мето Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора.

На 19-ти јануари „Исцелител“ ќе биде прикажан на врвниот универзитет Стенфорд, а потоа се планирани проекции во Њујорк, Далас, Хјустон и Мајами.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG