Евроинтеграциите на земјава, но и на регионот, според шефот на дипломатијата Бујар Османи се наоѓаат на пресвртница.
Тој смета дека Западен Балкан добива на итност меѓу земјите членки на Унијата поради руската агресија врз Украина.
За Северна Македонија во детали се разговарало на работниот појадок во Брисел, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој учествуваа и шефот на европската дипломатија Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Актуелните состојби го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста на носење одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан. Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки, да изгради консензус, а ние покажавме дека 100 процентно стоиме зад тие одлуки. Потребен е брз и одлучен исчекор во нашиот евроинтегративен пат“, рече Османи.
Работниот министерски појадок го иницираше шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, кој сакал непосредно да слушне како може процесот да се динамизира.
„Имавме работен појадок за Западен Балкан, каде имав можност да го поканам министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, да објасни пред Советот, на присутните министри за надворешни работи, за тоа како може да продолжи пристапниот процес на земјите од Западен Балкан“, изјави Дендијас.
Your browser doesn’t support HTML5
Дел од европските министри бараат поголемо присуство на Унијата во регионот.
„Ќе ја потенцирам потребата од избегнување на можноста на префрлање на кризата кон Западен Балкан. ЕУ мора да биде повеќе присутна во регионот“, вели Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни работи на Хрватска.
За највидлив напредок во евроинтеграциите, во овој период, се смета старт на преговори со Скопје и со Тирана. Но, тоа зависи од Софија и нејзините услови за деблокада на процесот.
„Во однос на разговорите со Бугарија за другите прашања, тие се одвиваат на министерско ниво. Кога ќе има резултати, договор прифатлив за двете страни, тој ќе биде споделен со двете страни. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Шефот на европската дипломатија, Борел, минатата недела во Скопје, го Западен Балкан го нарече „стратешки регион“ за ЕУ.
Но, освен поддршка, не можеше да даде и ветување за скорешно отворање на преговорите за членство.