Лукашенко се очекува да испрати војници во Украина во следните неколку часа или денови

Американски официјални лица изјавија за Гласот на Америка дека белорускиот претседател најверојатно ќе ја втурне Белорусија подлабоко во војната во зависност од исходот од разговорите меѓу Русија и Украина

Белорусија денес соопшти дека ја подготвила локацијата за разговори меѓу делегациите од Украина и Русија.

Украина се согласи да испрати свои претставници на разговорите, но првично не сакаше да се вклучи поради белоруската улога во конфликтот што им дозволува на руските сили да излезат таму и да започнат напади кон Киев и североисточна Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека е скептичен за изгледите на разговорите во Белорусија.

„Јас навистина не верувам во исходот од оваа средба, но нека се обидат за подоцна ниту еден граѓанин на Украина да не се сомнева дека јас како претседател сум се обидел да ја прекинам војната, кога имаше макар и мала, но сепак шанса“, рече тој претходно во порака објавена на Телеграм.

Американски официјални лица изјавија за Гласот на Америка дека белорускиот претседател Александер Лукашенко најверојатно ќе ја втурне Белорусија подлабоко во војната во зависност од исходот од разговорите меѓу Русија и Украина.

Американските разузнавачи очекуваат Лукашенко да испрати 48.000 војници во војната во Украина во следните неколку часа или денови за да ја засили Русија во нејзината инвазија на Украина.

Проценката на американското разузнавање се надоврзува со предупредувањата издадени вчера од белоруските опозиционери дека Лукашенко се подготвува целосно да влезе во војната.

Вчера гласачите во Белорусија ја одобрија уставната реформа што ќе ѝ овозможи на земјата да биде домаќин на нуклеарно оружје и трајно да биде домаќин на руските копнени сили.

Белоруската изборна комисија соопшти дека околу 65 отсто од оние кои излегле гласале за промената, што ќе ѝ овозможи на Русија да смести нуклеарно оружје во земјата.

Лидерите на белоруската опозиција го осудија потегот како предавнички и велат дека гласањето било наместено.

Поголемиот ангажман на Белорусија ја зголемува можноста за судири и ракетни напади што ќе се случат многу блиску до полската граница, со можност за прелевање на муниција во Полска, предупредуваат некои воени аналитичари.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека неговата воена кампања во Украина се одвива според планираното и оти нема да заврши додека Украинците не престанат да се борат.

Во телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој апелираше за прекин на огнот, Путин изрази подготвеност за дијалог со Украина и странските партнери, се вели меѓудругото во соопштението на Кремљ.