Власта смета дека авионската линија меѓу Скопје и Софија ќе ги олесни преговорите, ВМРО-ДПМНЕ вели дека се тргува со државните интереси

Your browser doesn’t support HTML5

Утре ќе се реализира првиот комерцијален авионски лет меѓу Скопје и Софија. Toa е дел од пакет-мерките за подобрување на односите меѓу двете земји, процес што почна со изборот на двете нови влади.

Промоцијата на директната авионска линија, со која ќе допатува македонско-бугарска делегација, следи по денешната средба на меѓуресорската работна група за соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето.

Овие иницијативи кои, според очекувањата на владата, ќе придонесат за олеснување на дијалогот за чувствителните политички прашања, не добиваат разбирање од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ повторува дека она што власта го нарекува разговори, всушност се „трговија со државните интереси“.

„Мене повеќе ме загрижува што континуирано се тргува со нашите преговарачки позиции. Континуирано се лицитира со нешто што не треба да се лицитира. Така не се водат преговори, но ги разбирам. Преговараат луѓе коишто во животот не преговарале. Преговарале луѓе коишто во животот само знаеле што значи да наведнат глава и по принципот на полжавот да стигнат до врвот. Треба јавноста, македонскиот народ будно да го следи овој процес затоа што вака како што тргнале работите мислам дека не ни се пишува добро“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Станува збор за „политички маркетинг и лажен патриотизам“ – одговори премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница.

„Историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела, но дефинираните позиции за македонската засебност и посебен јазичен и културен идентитет остануваат непроменети, јасни и цврсти. Немаме дилеми за тие прашања. Оттаму неприфатливо е која било партија да генерира низок и евтин политички маркетинг и лажен патриотизам“, рече Ковачевски.

Додека власта и опозицијата се` уште не успеваат да изградат консензус за клучното прашање од кое зависи иднината на евроинтеграциите, врвните претставници на Унијата во земјава порачуваат дека последните чекори меѓу Скопје и Софија Брисел ги смета за охрабрувачки.

„Секогаш сме ги повикувале Република Северна Македонија и Република Бугарија да разговараат се` со цел да ги надминат разликите и за да може што поскоро да ги отвориме пристапните преговори со Република Северна Македонија. Изминатите неколку денови сите бевме охрабрени да ги пофалиме напорите од двете страни кои се во функција на пристапните преговори и тие да почнат што поскоро“, рече амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир.

Во процесот на разговори позициите на Скопје се чиста формулација на јазикот како „македонски“, додека Софија, во оваа фаза, како свои клучни барања ги поставува почитување на правата на Бугарите во земјава и нивно вметнување во Уставот.