Новите студии во Израел и Британија сугерираат дека вакцините против Ковид-19 можат да го намалат ризикот врз луѓето кои страдаат од „долгорочен Ковид“.
Прелиминарните резултати од студијата во Израел - која не е рецензирана од колеги, покажуваат дека луѓето кои примиле две дози вакцина Фајзер против Ковид и биле позитивни на вирусот имале многу помала веројатност да пријават некакви трајни симптоми отколку лицата кои биле невакцинирани, кога биле заразени.
Во Британија, студијата врз 6.000 возрасни, спроведена од Канцеларијата за национална статистика, откри дека оние кои биле двојно вакцинирани имале 41% помали шанси да пријават симптоми на Ковид три месеци откако биле позитивно тестирани.
Студијата потенцира дека, севкупно, само 9,5 отсто од двојно вакцинираните доживеале „долгорочен Ковид “, во споредба со скоро 15 отсто од сличната група луѓе, кои биле невакцинирани.
Две одделни студии објавени претходно оваа недела открија кој може да биде најмногу подложен на „долгорочен Ковид“.
Научниците од неколку истражувачки центри со седиште во САД, вклучително и Универзитетот во Вашингтон и Шведскиот медицински центар во Сиетл, проучувале повеќе од 200 пациенти кои биле заразени во 2020 и 2021 година.
Тие откриле четири фактори кои можат да ги зголемат шансите за „долгорочен КОВИД“, вклучувајќи колкав дел од коронавирусот е во системот на една личност, присуство на одредени антитела кои погрешно ги напаѓаат здравите ткива на телото, реактивирање на обичен човечки вирус, кој предизвикува мононуклеоза, и присуство на дијабетес тип 2.