Линкови за пристапност

На кафе со лажни анти-ковид сертификати, цената ја плаќаат сите


На кафе или ручек со туѓ или лажен сертификат за имунизација против ковид-19. Инспекторите речиси постојано откриваат такви случаи при контрола на угостителските објекти низ македонските градови. Казните се високи, но, од Пазарниот инспекторат порачуваат – цехот за прекршувањето на законот може да биде уште поголем, а тоа е здравјето.

На кафе со лажни ковид-сертификати, цената ја плаќаат сите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00

Променети име и презиме на веќе постоечки туѓ сертификат, или, пак, користење потврда за вакцинација или за прележан ковид-19 од родител, брат, сестра или пријател. Тоа е најчестата форма за користење т.н. лажни сертификати за извршена имунизација, што ја практикуваат некои од македонските граѓани.

„Обично тоа што го имаме од пракса е тоа дека се работи за сертификат од близок роднина, родител, брат“, вели Анета Симеска Димоска, в.д. директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Сертификатот можеби е веродостоен по основа на лицето кому му е даден и тоа лице има примено вакцина. Но не соодветствува со лицето што го прикажува
Анета Симеска Димоска, в.д. Директорка на ДПИ

Од Инспекторатот, кои се задолжени за проверките, велат дека при речиси секое излегување на терен, кога им асистира полицијата, се откриваат по едно до две лица со туѓи сертификати кај себе.

„Сертификатот можеби е веродостоен по основа на лицето кому му е даден и тоа лице има примено вакцина. Но не соодветствува со лицето што го прикажува“, објаснува Симеска Димоска.

Појавата на лажни сертификати е најчеста во кафулињата и рестораните, каде е забранет влез за лица што немаат доказ за имунизација.

„И во случај на контрола, како што се случуваше во изминатиот период,, се востановува дека гостите, иако на влезот покажале сертификат, пред контролата велат дека не поседуваат сертификат. Со тоа, индиректно го изложиле угостителот, како да овозможил влез на несоодветни лица“, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Угостителите немаат право да ја проверуваат веродостојноста на прикажаните сертификати. Тоа, како што укажува претседателот на Независната угостителска комора, ги изложува на високи казни.

Угостителот не знае со каков тип сертификат располага гостинот, колку е тој веродостоен или не. Не постои начин и механизам за контрола за проверка на тие сертификати во угостителските објекти.
Здравко Јосифовски, Независна угостителска комора

„И казната, не само што ја добиваат гостите, ја добива и угостителскиот објект, што не е фер во ситуацијава. Угостителот не знае со каков тип сертификат располага гостинот, колку е тој веродостоен или не. Не постои начин и механизам за контрола за проверка на тие сертификати во угостителските објекти“, вели Јосифовски.

Единствено право на увид во личните податоци на граѓаните и да поведува законски постапки, има полицијата.

Припадници на МВР вршат проверки, но само како асистенција на пазарните инспектори. Така до 17 јануари годинава, во различни угостителски објекти биле откриени осуммина со фалсификувани сертификати и единаесетмина без таа потврда.

Според податоците на Пазарниот инспекторат, во период од шест месеци затворени се 24 угостителски објекти поради присуство на гости без сертификати и поради кршење на протоколите за заштита. Притоа биле затекнати 45 лица без соодветниот доказ за имунизација.

„Изигрувањето на законот не е заради нас или заради тоа што ќе напишеме казни. Почитувањето пред сè е да се заштитиме себе си и останатите околу нас“, укажува Симеска Димоска.

Казните за лицата затекнати без сертификат се 250 евра. За угостителските објекти, пак, се движат од 2.500 евра до 30 илјади евра, плус 1.500 евра за одговорното лице.

Користењето туѓ или фалсификуван сертификат, се смета за кривично дело. Казната, покрај парична, може да биде и затвор до три години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG