Евакуирани речиси сите македонски државјани од Авганистан

До Владата пристигнало барање и од Националниот демократски институт, чие седиште е во САД, за прифаќање на дополнителни 200 цивили од Авганистан

Рано утрово прва група од околу 30 македонски државјани заминале од Кабул и пристигнале во Доха. Се очекува тие да бидат трансферирани во Кувајт. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска соопшти дека аеродромот во Кабул од утринава е повторно во функција и возобновен е процесот на трансфер на лицата што го напуштаат Авганистан, меѓу кои се и македонските државјани.

Вториот авион со околу 25 наши државјани слетал во Абу Даби и нивниот пат се очекува да продолжи за Лондон. Група од уште деветнаесетмина македонски државјани, пак, утрово се упатила кон Доха.


Како што соопшти Османи, во НАТО базата во Кабул што се наоѓа веднаш до аеродромот остануваат уште 14 наши државјани, од кои 11 треба во најскоро време да бидат ставени во планот за евакуација. Тројца од нив ќе останеле да ги вршат своите обврски во базата и се очекува нивна натамошна евакуација заедно со војската.

Османи соопшти дека до Владата пристигнало барање и од Националниот демократски институт, чие седиште е во САД, за прифаќање на дополнителни 200 цивили од Авганистан. Барањето било претежно за жени и деца на лица од невладин сектор. Владата веќе соопшти дека е дадена согласност за прием на околу 190 цивили од Авганистан, чие сместување, според првичните најави, треба да биде во хотели и мотели.

Точниот ден на нивното пристигнување сè уште не е утврден поради, како што рече министерот, лимитираниот број летови од Кабул.