Линкови за пристапност

Од Авганистан се очекуваат речиси 190 цивили, времето на нивното пристигнување во Скопје уште не се знае


Привремено треба да бидат згрижени шест жени и деца на вработени од Мисијата на ОН во Авганистан и околу 180 жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија

Речиси 190 цивили од Авганистан се очекува во следниот период да бидат привремено згрижени во Северна Македонија. Ова го соопштуваат од македонската Влада, од каде истакнуваат дека во тек се координации и утврдување детали за преземање на првите лица.


Според информациите од Владата, првично треба да бидат преземени шест жени и деца на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан. Во првиот бран за привремено згрижување се најавуваат и околу 180 жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеле на одржувањето на мирот во Авганистан.

Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји.
Влада на РСМ


Засега не се знае точното време на полетување на тие лица од Авганистан. Тие би требало да слетаат на аеродромот во Скопје, после што се планира да бидат испратени во 14-дневен карантин за превенција од ковид-19. За тие што не се вакцинирани, Министерството за здравство се планира да обезбеди и вакцини.

„Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации“, соопштува службата за односи со јавност на Владата на Северна Македонија.


На утрешната Владина седница ќе се разговара и за следните чекори што би ги презела земјата, а во насока на хуманитарната мисија за спасување на локалното население од Авганистан.


Во Кабул се уште има стотина заглавени македонски граѓани кои биле на привремена работа во Авганистан. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска соопшти дека 25 од нив треба да полетаат со воен авион кон Катар. Останатите се наоѓале во воени објекти на американската армија и биле на листа за транспорт од Авганистан.

„Овде е вистински хаос во хуманитарна смисла. Илјадници луѓе се наоѓаат на цивилниот аеродром и бараат спас. По целата писта ги има. НАТО се обидува да ја исчисти некако пистата, за да може да отпочне евакуацијата. Но, засега уште ништо“, рече во изјава за Гласот на Америка македонски граѓанин кој е во Кабул и кој сакаше да остане анонимен.

XS
SM
MD
LG