Два процента од бруто домашниот производ да одат за модернизација, одржување и напредок на армиските сили, се очекува да биде достигнат во текот на идната година. Така најави министерката за одбрана Славјанка Петровска, на денешната свеченост во касарната „Илинден“ по повод три години членство во НАТО.
„Согласно плановите, нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од 2% од БДП алоциран за одбрана веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување на 20% од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме имајќи предвид дека во 2023 година, 33% од буџетот е токму наменет за опремување и модернизација на Армијата”, рече Петровска.
Во касарната „Илинден“, пред голем број гости од дипломатскиот кор од земјава, се одржа свеченост по повод три години од приемот на Северна Македонија во НАТО. Слоганот на свеченоста беше „Ние сме НАТО“.
Главно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, кој нагласи дека земјава ќе ги следи чекорите на сојузниците од Алијансата, особено кога станува збор за воените случувања во Украина.
„Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните. Да се чува нашиот и светскиот мир“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ќе продолжи поддршката за Украина.
„Уште на почетокот, минатата година го осудивме овој конфликт, ја поддржавме и ја поддржуваме Украина, за која во континуитет обезбедуваме помош. Целта на поддршката не е да се продолжат воените дејствија, туку независна Украина да ја одбрани својата независност и територијален суверенитет и своите храбри луѓе“, рече Ковачевски.
На припадниците на армијата и на присутните гости им се обрати и Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генералот Васко Ѓурчиновски, кој се осврна на успесите на Армијата.
„Успехот кој Армијата го достигна низ целиот овој период се огледа во она кое сега го имаме, а тоа се мобилни, професионални и ефикасни сили, способни да ја заштитат безбедноста на нашата земја и одговорат на сите современи закани и одговорат на сите современи закани и предизвици“, рече Ѓурчиновски.
Во рамките на свеченоста се одржа и показна вежба во која армиските специјалци демонстрираа воено-тактички и одбранбени вештини.
Имаше прелет и на два воени авиона од грчкото воздухопловство, кои се дел од програмата на НАТО за патролирање и заштита на македонското небо.