Кога пред три години се креваше знамето на новата членка на НАТО, малку кој веруваше во можноста за голема војна на европско тло. Но, повеќе од една година тоа е реалност во Украина.
Руската агресија покажа колку е важно една држава да не биде сама – порача владиниот врв пред амбасадорите на членките на НАТО на тригодишнината од приемот во Алијансата.
„Како премиер на држава којашто ја исполни 30-годишната стратешка цел и веќе трета година е членка на НАТО, можам само да порачам дека е незаменливо чувството да не сме сами. Да сме во семејството на демократски народи и држави кои функционираат по принципот „Еден за сите и сите за еден“. Во услови кога светот, во 21-от век се соочи со целосно неразумна и недозволива агресија на Руската Федерација врз една суверена и независна држава - Украина - светлото е вперено кон НАТО“, рече премиерот Ковачевски.
Земјава, како дел од НАТО и кандидатка која преговара за членство во ЕУ, се приклучи на сите санкции воведени кон Русија, но истовремено и прати воена помош во Украина вредна околу 30 милиони евра.
„Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, е еден од најголемите донатори на помош на Украина која се справува со воената агресија на Русија. Македонската влада усвои седум одлуки за воена асистенција кои се од витално значење за украинските бранители на бојното поле“, рече амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
Во среда владата ќе носи одлука за нова воена помош за Украина – донирање на 12 борбени хеликоптери од типот МИ-24. Генералштабот дал позитивно мислење во анализата на барањето од Киев за асистенција во форма на хеликоптери.
Ситуацијата на Западен Балкан, регион кој се смета за потенцијална цел на руски обиди за дестабилизација, била една од темите на средбата меѓу шефовите на македонската и албанската дипломатија.
„Нашите држави не само што успеваат да ги интензивираат работите на билатерално ниво туку даваат придонес се поголем во регионална смисла, а посебно во гаранцијата на нејзината ориентација кон евроантлантските перспективи. Соработка има и димензија на безбедност во контекст на војната во Украина. Ситуацијата во регионот е многу посложена по руската агресија“. Рече Ољта Џачка, министерка за надворешни работи на Албанија.
„Се согласивме дека сме сојузници во НАТО со стопроцентна хармонизација на својата надворешна политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, тоа испраќа јасна порака за нашата јасна припадност и посветеност на западните принципи и вредности“, изјави Бујар Османи.
Утре, под претседателство на Северна Македонија, се одржува министерски состанок САД - Јадранска повелба. Регионалните предизвици и состојбите во меѓународните односи по руската агресија врз Украина ќе бидат главни прашања за кои ќе се разговара.