Линкови за пристапност

Зеленски и Трамп повторно со различни гледишта за руската војна во Украина


Средба меѓу претседател на САД Доналд Трамп и претседателот на Украина Володимир Зеленски во Овалната соба на Белата куќа, во Вашингтон, САД 28 февруари 2025 година.
Средба меѓу претседател на САД Доналд Трамп и претседателот на Украина Володимир Зеленски во Овалната соба на Белата куќа, во Вашингтон, САД 28 февруари 2025 година.

Претседателот Доналд Трамп вели дека оценката на украинскиот лидер дека крајот на руската војна во неговата земја „се уште е многу далеку“ е „најлошата изјава“ што можел да ја даде и дека „Америка нема тоа да го толерира уште долго!“

По средбата во Белата куќа во петокот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, тие денеска повторно имаа различни гледишта за евентуално завршување на конфликтот.

Според Зеленски, војната нема да заврши наскоро. Овој став тој го истакна вчеравечер по средбата во Лондон, каде доби широка поддршка од европските лидери за континуирана воена помош, и рече дека го очекува истото од САД, најголемиот снабдувач на оружје за Украина.

„Мислам дека нашиот однос (со САД) ќе продолжи“, рече Зеленски. „Верувам дека Украина има доволно силно партнерство со САД“, за да продолжи помошта.

Но, Трамп на платформата за „Truth Social“ денеска напиша: „Овој човек не сака да има мир сè додека ја има поддршката на Америка и Европа“.

„Тоа не е добра изјава кога се покажува сила спрема Русија“, рече Трамп.

Зеленски подоцна на социјалната мрежа „X“, порано позната како „Твитер“, напиша: „Многу е важно да се обидеме да ја направиме нашата дипломатија суштинска за да ставиме крај на оваа војна што е можно поскоро“.

„Работиме заедно со Америка и нашите европски партнери и многу се надеваме на американска поддршка на патот кон мирот“, рече Зеленски. „Мир е потребен што е можно поскоро“.

Трамп се заложи за прекин на борбите, во кои загинаа стотици илјади руски и украински борци, заедно со украински цивили, но Зеленски изрази стравување дека Трамп се обидува да го реши конфликтот под услови поповолни за Москва од Киев.

Русија моментално држи околу една петтина од меѓународно признатата територија на Украина и полека зазема повеќе територија во борбите во источна Украина. Засега не се закажани мировни преговори.

XS
SM
MD
LG