Линкови за пристапност

Западот нема да ја напушти Украина, кажа Бајден


Говорејќи на одбележувањето на Денот Д во Франција, Бајден рече „нема да се оддалечиме“ од одбраната на Украина и „да се предадеме на насилниците“
Говорејќи на одбележувањето на Денот Д во Франција, Бајден рече „нема да се оддалечиме“ од одбраната на Украина и „да се предадеме на насилниците“

Американскиот претседател Џо Бајден денес одбележа 80 години од Денот Д, ветувајќи дека САД и НАТО нема да ја напуштат поддршката за Украина во нејзината борба против двегодишната руска инвазија.

Говорејќи во Франција, Бајден рече „нема да се оддалечиме“ од одбраната на Украина и „да се предадеме на насилниците“.

Американскиот лидер рече дека Украина била нападната од рускиот претседател Владимир Путин, „тиран со намера за доминација“, и дека демократијата сега е повеќе загрозена отколку во кој било момент од Втората светска војна.

„Не правете грешка, нема да се предадеме, не можеме да им се предадеме на насилниците, тоа е едноставно незамисливо. Ако го направиме тоа, слободата ќе биде потчинета, цела Европа ќе биде загрозена“, рече тој нудејќи широка поддршка за глобалниот светски поредок што се појави по Втората светска војна.

„Да се предадеме на насилниците, да им се поклониме на диктаторите е едноставно незамисливо“, рече тој за време на церемонијата на американските гробишта во Нормандија.

„Ако го направиме тоа, тоа значи дека ќе заборавиме што се случи овде на овие плажи“.

Денот Д беше најголемиот напад во историјата, а Бајден го нарече „моќна илустрација за тоа како сојузите, вистинските сојузи не` прават посилни“.

Тој рече дека тоа е „лекција што се молам ние Американците никогаш да не ја заборавиме“.

Бајден ги поздрави ветераните од Втората светска војна, вклучително и многумина во инвалидски колици и некои постари од 100 години.

„Вие го спасивте светот“, му рече Бајден на еден ветеран.

Појавувањето на Бајден се случи среде неговата кампања за реизбор во 2024 година за претседателската функција против републиканецот Доналд Трамп, кој зборуваше на 75-годишнината од Денот Д пред пет години.

Трамп, кој често ја доведуваше во прашање неопходноста од посветеноста на САД кон НАТО, главниот воен сојуз на Западот, ги поздрави војниците кои дојдоа на плажите на Нормандија во неговиот говор во 2019 година, но не ги пофали глобалните сојузи што се појавија по војната.

Трамп често ги напаѓа европските членки на НАТО кои не трошат еквивалент на 2% од нивното национално економско производство за одбрана, ниво предложено од НАТО за одбрана на нивните земји.

Бајден го наведе рекордот на неговата администрација за градење глобални сојузи како клучно достигнување.

Тој неодамна изјави за магазинот „Тајм“ дека Трамп „сака само да ги напушти“ сојузниците на САД и посочи дека поранешниот претседател на крајот ќе ја повлече земјата од НАТО доколку биде избран.

XS
SM
MD
LG