Линкови за пристапност

Загриженост во САД после извештаите за можна вмешаност на групата Вагнер во Судан


Од почетокот на борбите во април, има непотврдени извештаи дека борците на „Вагнер“ ги поддржуваат Силите за брза поддршка и ги снабдуваат со оружје
Од почетокот на борбите во април, има непотврдени извештаи дека борците на „Вагнер“ ги поддржуваат Силите за брза поддршка и ги снабдуваат со оружје

Од почетокот на борбите во Судан, има непотврдени извештаи дека борците на „Вагнер“ ги поддржуваат Силите за брза поддршка и ги снабдуваат со оружје. Русија го гледа Судан како стратешка локација со огромно минерално богатство, велат аналитичарите

Нови извештаи сугерираат дека платениците од групата „Вагнер“ во Судан, поддржани од Кремљ, можеби му понудиле оружје на еден од двајцата ривалски судански генерали.

Но, додека се разгорува насилството во земјата, американските претставници на високо ниво изразија загриженост дека вмешаноста на групата само ќе ја влоши ситуацијата.

„Очигледно, ние не сакаме да видиме дека овој конфликт се шири и секако не би сакале да видиме дополнителна огнена моќ. Тоа само ќе продолжи со насилството и ќе ги ескалира тензиите“, рече Џон Кирби, советник за национална безбедност на САД.

Двајца генерали се борат за власт: генерал Абдел Фатах Бурхан, шеф на Вооружените сили и генерал Мохамед Хамдан Дагало или Хемедти, водач на паравоена група позната како Сили за брза поддршка.

Дагало отпатува во Русија минатата година и се обиде да добие поддршка од „Вагнер“.

„Хемедти и неговите Сили за брза поддршка во голема мера ги контролираат главните региони за ископување злато во Судан и многу веројатно со години биле соучесници во шверцот на злато. Групата „Вагнер“ е на страната на партијата за која мислат дека најверојатно е во можност да продолжи да ги обезбедува овие интереси, особено во опозиција на која било влада предводена од цивили“, смета Џеклин Брнс од Корпорацијата РАНД.

Историјата на „Вагнер“ во Судан датира од претходната влада на Омар ал-Башир. Водачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин, имаше блиски односи со поранешниот автократски водач ал-Башир.

Откако ал-Башир се откажа од власта поради народното востание, „Вагнер“ продолжи да има блиски односи со суданската војска, особено со паравоените Сили за брза поддршка на чело со Хемедти.

Тоа е модел кој аналитичарите го виделе претходно.

„Групата „Вагнер“ се чини дека се занимава со африканските земји на прилично предвидлив начин. Нормално, тоа започнува со поддржување елити, а потоа се надоврзува со формален воено-технички договор меѓу државите. Русија ќе испорача оружје во замена за отстапки што ќе им овозможат да ископуваат ресурси“, укажува аналитичарот Бен Далтон.

Од почетокот на борбите во април, има непотврдени извештаи дека борците на „Вагнер“ ги поддржуваат Силите за брза поддршка и ги снабдуваат со оружје.

Русија го гледа Судан како стратешка локација со огромно минерално богатство и сака да помогне да се воспостави пријателски лидер, велат аналитичарите.

„Во последните месеци видовме многу за напорите на Русија да добие пристаниште на Црвеното Море во Судан преку официјални воени односи. Тие потпишаа други официјални воени односи со други земји во регионот“, вели Камерон Хадсон од Центарот за стратешки студии.

Вклучувањето на „Вагнер“ во други делови на континентот, како Либија, Централноафриканската Република и Мали, во многу случаи беше проблематично, вели Бен Далтон од организацијата „Нова Америка“ во Вашингтон.

„Тие беа поврзани со големи злосторства. Каде и да одат има цивилни жртви. Интересите на Русија се во извлекување на ресурсите на континентите за да може да ја зајакне сопствената позиција и да изгради мрежа за да се спротивстави на меѓународни санкции. Тие навистина не се заинтересирани за интересите на Африканците“, додава аналитичарот Далтон.

И додека конфликтот беснее, цивилите продолжуваат да ја плаќаат цената.

XS
SM
MD
LG