Линкови за пристапност

СДСМ објави нови снимки, тврди дека власта го контролира судството


Заев: „Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците“
Заев: „Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците“

ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Заев „го продолжува своето одработување за странски центри со објавување на креирани материјали“

Водачот на опозициската партија СДСМ денес презентираше нови аудио-материјали со коишто ја обвини власта за директно мешање во судскиот систем.

Презентирајќи снимки за коишто кажа дека се телефонски разговори меѓу виши претставници на власта, Зоран Заев на прес-конференцијата потенцираше дека во Македонија нема владеење на правото и дека постои директна спрега меѓу власта и правосудниот систем, спротивно на Уставот.

Заев за првата презентирана аудио-снимка кажа дека е разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за правда Михајло Маневски. На неа, снимените лица разговараат за пресуда на Врховниот суд.

Вториот аудио-материјал, според СДСМ, е од разговор меѓу шефот на државната безбедност Сашо Мијалков и вицепремиерот Муса Џафери. На неа, снимените говорат за избор на претседател на Врховниот суд, за којшто наводно се противел тогашниот министер за правда Блерим Беџети. Гласот за кој СДСМ тврди дека е на Мијалков му укажува на Џафери дека местото претседател на Врховниот суд секогаш било нивно и дека тука нема отстапки.

Третиот разговор презентиран на денешната прес-конференција е, како што тврди Заев, меѓу министерката Јанкулоска и вицепремиерот Ставрески, а се однесува на кривична пријава поднесена против Ставрески до Јавното обвинителство. На снимката, гласот за којшто СДСМ тврди дека е на Јанкулоска соопштува дека говорела со обвинителот Марко Зврлевски и му кажала да ја отфрли пријавата.

Четвртата презентирана снимка, според Заев, е од разговор меѓу министерката Јанкулоска и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, во којшто наводно таа прашува дали претседателот на Апелацискиот суд во Прилеп е „нивни човек”, а тој одговара потврдно.

За петтиот аудио-запис, претседателот на СДСМ рече дека е од разговор меѓу новинарот Драган Павловиќ - Латас и поранешната претседателка на Апелацискиот суд, Филимена Маневска, а во него наводно тој ѝ се жали дека апелацискиот суд не се залага доволно за предемти коишто се однесуваат на тужби против него и некои негови колеги.

Заев обвини дека со овие разговори се докажува дека се прекршени членовите 17, 18 и 25 од Уставот на Реублика Македонија коишто се однесуваат на слободата и тајноста на комуникацијата, гаранција на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните, како и членовите 8, 98 и 106 од Уставот што се однесуваат на владеење на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, самостојноста и независноста на судството и јавното обвинителство.

„Груевски и Мијалков не само што прислушувале. Ова што се правело е запрепастувачки, грозно. Ова недвосмислено открива зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници. Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците, како се носат судски пресуди против новинари кои не се соработници со власта и против секој кој не е соработник со власта“, рече Заев.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реаграше на прес-конференцијата на СДСМ преку соопштение во коешто го обвини Заев дека „го продолжува своето одработување за странски центри со објавување на креирани материјали, со што се надева дека без поддршка од граѓаните, без програма, проекти и идеи, ќе го донесе на власт. Се разбира, потоа тој е свесен, а очигледно и подготвен да ги исполни очекувањата на неговите шефови од странство“.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштението го оквалификува Заев како „човекот кој јавно и соопшти на целата македонска јавност дека македонскиот народ треба да ја свитка кичмата, кој по СМС пораки ги информираше другите партиски лидери дека на власт ќе го донесат пријатели од странство и кој на премиерот најмалку пет пати му потврдил дека креираните материјали му се од странски служби, очекува народот да му верува и да гласа за него на избори. Човекот кој што јавно говореше дека сите вработувања во Струмица се партиски и испрати порака до граѓаните дека кога ќе дојде на власт сите вработени ќе бидат заменети со членови на СДСМ, со цел памет се надева дека ќе го убеди народот да му даде мнозинска поддршка на избори“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „со секоја прес-конференција Зоран Заев само докажува дека е соработник и инструмент на странски разузнавачки служби, како што самиот тврдеше“.

XS
SM
MD
LG