Линкови за пристапност

Заев ја шири „Вистината за Македонија“


Заев: „Објавувањето на вистината ќе покаже и дека власта на (премиерот Никола, н.з.) Груевски го оневозможила правото на граѓаните на слободни и демократски избори, правото на слободно информирање и изразување како и правото на приватност“
Заев: „Објавувањето на вистината ќе покаже и дека власта на (премиерот Никола, н.з.) Груевски го оневозможила правото на граѓаните на слободни и демократски избори, правото на слободно информирање и изразување како и правото на приватност“

За партискиот проект денес на средба со амбасадорот на ОБСЕ, вчера на интервју во Алсат

По објавувањето на аудио-записите од телефонски разговори за коишто опозицискиот СДСМ тврди дека се доказен материјал дека власта незаконски следела телефонски комуникации на преку 20 илјади граѓани, водачот на оваа партија Зоран Заев денеска се сретнал со амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет.

„Вистината за Македонија започна да допира до јавноста. Ќе продолжиме со објавување се` до конечно враќање на слободата, демократијата и европските вредности во Република Македонија. Внимателно ќе го водиме процесот водејќи грижа за интересите на граѓаните“, рекол Заев, според партиското соопштение.

Партијата наведува дека Заев на состанокот потенцирал дека доказите ги потврдуваат ставовите на СДСМ, но и ставовите на меѓународната заедница, констатирани во сите релевантни извештаи, вклучително и извештајот на ОБСЕ, за целосна контрола на власта врз институциите на државата, за селективната правда и за притисок врз медиумите.

„Објавувањето на вистината ќе покаже и дека власта на (премиерот Никола, н.з.) Груевски го оневозможила правото на граѓаните на слободни и демократски избори, правото на слободно информирање и изразување како и правото на приватност“, рекол Заев.

На средбата тој наводно нагласил дека иницијативата Вистината за Македонија е шанса да се создадат трајни и реални гаранции дека вакви работи повеќе нема да се случуваат. „Граѓаните заслужуваат да се чувствуваат слободни и да живеат во слободна и демократска земја“ рекол Заев.

Од страна на канцеларијата на ОБСЕ во Скопје нема соопштение за оваа средба.

Во интервју за Алсат, пак, Заев вчера нагласи дека сите документи коишто ги откриваат, како што вели, криминалите на власта, ќе бидат објавени во наредните 45 дена. Според Заев, нема дилема дека премиерот Груевски многу скоро ќе треба да ја напушти функцијата.

XS
SM
MD
LG