Во знак на одбележување на светскиот Ден на слободата на медиумите, група на организации за слобода на печатот објавија извештај во кој се наведуваат голем број закани за работата на новинарите, вклучувајќи го и гонењето на таканаречените свиркачи кои алармираат за незаконско работење, владини рестрикции за информациите од јавен карактер, стигматизација од страна на политичарите, физички напади како и произволни апсења.
„Мора да се постапи по алармантниот пораст на заканите за слободата на медиумите во САД последниве години“, рече Томас Хјуз, извршен директор на групата Член 19. „Не само што овие закани влијаат врз слободата на изразување во САД, туку тоа се одразува и на светот“, додава тој.
Член 19 заедно со Комитетот за заштита на новинарите, Меѓународната организација слободно изразување, Меѓународниот институт за новинари, Индексот за цензура и Новинари без граници интервјуирале новинари во САД.
Нивниот извештај вели дека и покрај актуелните закани, заштитата во Уставот на САД ги прави медиумите во САД меѓу најслободните во светот. Меѓутоа, според него, може да се забележат случаи на изјави на претседателот Доналд Трамп, особено неговото постојано посочување на т.н. „лажни вести“, што се презема и од лидерите во другите земји, меѓу кои и претседателот на Венецуела Николас Мадуро, сирискиот претседател Башар ал Асад и де факто лидерот на Мјанмар Ан Сан Су Чи.
„Анимозитетот кон печатот го поткопува правото на јавноста за информации“, вели Џоди Гинзберг од Индексот за цензура.
Во извештајот се истакнува дека порастот на случаи на гонење на „свиркачите“ започнал уште во време на поранешниот претседател Барак Обама.
Во извештајот актуелниот претседател на САД се обвинува за вербални напади врз медиумите, велејќи дека тоа помогнало да ги охрабрат и другите политичари да го сторат истото.
Во извештајот на Репортери без граници САД паднаа две места подолу во однос на минатата година.
Белата куќа ги отфрли критиките, а портпаролката Сара Хакаби Сандерс им кажа на новинарите дека мисли оти администрацијата на Трамп е „една од најпристапните“ ако се гледа децении наназад.
„Ние го поддржуваме слободниот печат, но исто така поддржуваме и фер печат“, рече Сандерс. „И мислам дека тие работи треба да одат заедно, и дека новинарите имаат одговорност да известуваат точно“.
Обединетите нации го започнаа светскиот Ден на слободата на печатот во 1993-та година како начин да го поттикнат развојот на слободни медиуми додека новинарите се соочуваат со малтретирање, напади, притвори и убиства заради вршење на работата.
Репортери без граници известуваат дека во 2018-та година, 23 новинари биле убиени, а 176 затворени низ целиот свет.
Facebook Forum