Линкови за пристапност

„Справување со невработеноста во Југоисточна Европа“


Интернет-дискусија на Светската банка

Водечките економисти на Светската банка Жељко Богетиќ и Абебе Адунга, кои работат на проблематиката од Западниот Балкан, одржаа Интернет-дискусија за политиките што би можеле да ја намалат невработеноста во регионот. Ви ги пренесуваме прашањата на Гласот на Америка на македонски и одговорите што ги добивме од овие стручњаци.

Глас на Америка: Според податоците на македонската влада, невработеноста во Македонија е околу 30%. Владата на тоа гледа како на значајно подобрување, со оглед на фактот дека невработеноста во 2005-та била 38%. Без разлика, какви мерки треба да се преземат за да се намали невработеноста?

Жељко Богетиќ: Економскиот раст е најдобар лек за невработеноста. Но, растот успори насекаде на Балканот, делумно како резултат на кризата во Еврозоната. Исто така, економскиот раст на Балканот е со помала апсорпција на трудот поради редица причини: структурални проблеми,
инвестиционата клима и политички причини. Од неодамна, на 1% раст на Балканот одговара пад на невработеноста од помалку од 0.3%. Така, има место за поагресивни мерки насочени кон вработувањето. На пример, важно е да се подобри бизнис-климата, за да се елиминираат пречките за проширување на малите бизниси и поттикнување на претприемништвото. За да биде работната рака поквалификувана, мора да се води грижа за квалитетот на стручноста (особено познавањето на странски јазици и компјутерските и технички вештини), за елиминирање бариерите кои ја попречуваат иницијативноста (како што е данокот на труд) и за подобро менаџирање на внатрешната и надворешната мобилност.

Глас на Америка: Според извештајот на Светската банка „Дуинг бизнис 2012”, Македонија е проминентно место за водење бизнис. Сепак, според проценките, нивото на странски инвестиции во 2012-та било 263 милиони долари, што е значително помалку од сумата од 427 милиони од претходната година. На што се должи ваквиот тренд?

Жељко Богетиќ: Навистина, Македонија е регионален “шампион” според климата за водење бизнис на Западниот Балкан. Но, во право сте, нивото на странски инвестиции беше пониско од очекувањата за таа година. Јас ова не би го нарекол тренд, бидејќи квалитетот има тежина. Македонија успеа да привлече инвестиции во производството (компании како Џонсон Мети, Џонсон контролс, Емет електроникс) кои се извозно ориентирани. Гледано по сектори и по квалитет на инвестициите, Македонија е во подобра положба од соседните земји каде странските инвестиции се насочени главно кон недвижностите, наместо кон продукцијата каков што е случајот со Црна Гора. И, на крај, на сумата на странски инвестиции во 2012-та влијаеа некои внатрешни трансфери на компаниите, што е нормален начин на функционирање во една отворена економија. Воопшто, потребно е време за една мала земја без излез на море, која се наоѓа во фрагментиран регион, да се етаблира како значајна дестинација за странски инвестиции. Мое мислење е дека кога ќе се зголеми растот и Еврозоната ќе излезе од рецесијата, повеќе странски инвестиции ќе завршат на Балканот, а со тоа и во Македонија.

Глас на Америка: Нивото на девизни дознаки во Македонија е повисоко од странските инвестиции. Дали тоа индицира дека Македонија спроведува вистински мерки во користењето на дознаките?

Жељко Богетиќ: Интересно прашање. Мислам дека ова ја рефлектира структурата на македонската дијаспора и нејзиниот избор, да испратат пари наместо да инвестираат во Македонија, во форма на директни странски инвестиции. Девизните дознаки ја помагаат локалната економија со тоа што парите одат во потрошувачката. Предизвикот е како да се насочат заштедите на дијаспората кон инвестиции. Некои земји успеа тоа да го направат преку обврзници на дијаспората. На крај, Македонија прави вистински чекори во делот на инвестиционата клима, а предизвикот е да ја одржи атрактивноста на долгорочен план и да ги поправи слабите страни. Кога дијаспората ќе започне да инвестира во сопствената земја, тоа ќе биде силен сигнал за останатите инвеститори дека таа е добро место за водење на бизнис.

Глас на Америка: Високата невработност создава услови за постоење на сивата економија. Како да се надмине овој проблем?

Абебе Адунга: Невработеноста присилува некои да живеет од сивата економија. Тешко се надминува овој проблем. Долгорочна цел е да се направи постепена транзиција од неформалниот сектор во формалната економија. Тоа ќе значи реформи - намалување на даноците, на регулаторниот обем, подобруваање на сопственичките права, итн.
XS
SM
MD
LG