Линкови за пристапност

Светски ден за борба против СИДА-та


Во Јужна Африка во тек е тестирање на потенцијална вакцина.  Испитувањата ќе траат четири години.

Речиси три децении на 1-ви декември, слушаме за трагедијата од СИДА-та. Активистите во светот поттикнуваат тестирања, дистрибуирање на летоци со инфомации за ХИВ-вирусот, како се шири и како би изгледала превенцијата.

Од почетокот на епидемијата, наваму, од СИДА починале 35 милиони луѓе. Секоја година од ХИВ-вирусот заболуваат два милиона луѓе, а ОН проценуваат дека на годишно ниво од вирусот умираат преку еден милион лица.

Сепак, многу се има случено од одбележувањето на првиот Светски ден за борба против СИДА-та во 1988-та година. Земјите каде некогаш ова беше табу тема, сега нудат тестирање и третман. Мајки заразени со ХИВ имаат здрави бебиња и живеат грижејќи се за нив. Постојат лекови кои можат да спречат ширење на вирусот. Преку 18 милиони луѓе во светот примаат третман за држење на вирусот под контрола. Сега научниците зборуваат за вакцини и лек за оваа смртоносна болест.

Во Јужна Африка во тек е тестирање на потенцијална вакцина. Во истражувањето ќе бидат опфатени преку 5.400 сексуално активни мажи и жени на возраст меѓу 15 и 35 години во бројни области низ Јужна Африка, земја каде преку 1.000 лица дневно се инфицираат со ХИВ. Испитувањата ќе траат четири години.

Студијата е финансирана од Американскиот национален институт за алергиски и инфективни заболувања, на чие чело изминативе 32 години е д-р Ентони Фаучи. Иако постои голема надеж дека вакцината ќе значи крај на ХИВ и СИДА-та, Фаучи реално гледа на ситуацијата. „Не знаеме дали ќе функционира или не. Повеќето од истражувањата завршуваат неуспешно наместо успешно, но ја правиме студијата за да видиме дали ќе вроди со плод“, рече тој.

XS
SM
MD
LG