„Родовиот јаз е се` уште присутен. Тоа може да се види од изборите. Во 2008 година тој беше 7%, во 2012 година 10% и 11% во 2016 година,“ вели Џејн Џун, професорка на политички науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија.
Ова беше речено на панел дискусија што деновиве се одржа во Конгресната библиотека во Вашингтон за одбележување на 100 годишнината од добивањето на право на глас на жените во САД.
Дискусијата беше придружена и со тематска изложба.
Имено, точно пред еден век бил усвоен 19-тиот Амандман, кој на жените им го гарантира правото на глас.
Кристина Волбрехт е професорка по политички науки и директор на Рони центарот за студии за американска демократија. Таа вели дека предрасудите биле голема пречка жените да остварат право на глас.
„Политиката и владеењето се сметале за машка работа, а грижата за семејството за женска. Пречките биле реални. Требало време да се разбере дека светот нема да пропадне ако жената има право на глас. Жените и натаму ги хранеле децата и ги чистеле домовите. Но, правото на глас било резултат на многу напорна работа на женскиот активизам,“ вели Волбрехт.
Се` започнало со движењето на активистката Алис Пол. На трети март, 1913-та година, ден пред инаугурацијата на претседателот Вудро Вилсон, околу 8.000 жени марширале од Конгресот до Белата куќа.
Пол го напишала Амандманот за еднакви права на жените во 1923-та година, повикувајќи на апсолутна рамноправност меѓу половите. Нејзините поддржувачи го предлагале Амандманот на секоја конгресна седница се` до 1972-та година, кога конечно бил усвоен од двата дома.
Панелистите се согласни дека на положбата на жените како гласачи влијаеле вкоренетите традиции.
„Двете политички партии во САД ги мобилизираат жените и мажите на различни начини. Но, мажите имаат долга традиција на организирање преку различни организации, како синдикати и професионални здруженија. Повеќето женски организации немаа таква структура и искуство,“ вели Волбрехт.
Иако жените во текот на цел еден век извојуваа големи победи, родовиот јаз е се` уште предизвик.
„Повеќето жени кои денес гласаат, традиционално се идентификуваат со демократите,“ вели професорката по политички науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија, Џејн Џун.
Но со се` повеќе жени на високи функции, идејата на Алис Пол е поблиску до целосна реализација.
Facebook Forum