Линкови за пристапност

Врховниот суд пресуди во корист на обвинет за учество во нападот на Конгресот на 6 јануари


Пресудата беше неуспех за американскиот Оддел за правда и администрацијата на претседателот Џо Бајден и е потенцијален поттик за Трамп
Пресудата беше неуспех за американскиот Оддел за правда и администрацијата на претседателот Џо Бајден и е потенцијален поттик за Трамп

Врховниот суд на САД денес му даде поттик на маж од Пенсилванија, кој го оспори обвинението за опструкција поднесено против него во врска со нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, во пресуда со потенцијални импликации за федералниот кривичен случај против Доналд Трамп за обидот да ја поништи неговата изборна загуба во 2020 година.

Судиите одлучија со 6-3 да ја отфрлат одлуката на понискиот суд што дозволи обвинение против Џозеф Фишер, поранешен полицаец, за коруптивно попречување на официјалната постапка - конгресното потврдување на победата на претседателот Џо Бајден над Трамп, што демонстрантите се обидоа да го спречат.

Одлуката му наложи на понискиот суд да го преиспита предметот.

Фишер го оспори обвинението за опструкција, кое федералните обвинители го покренаа против него и стотици други - вклучувајќи го и Трамп - во случаи поврзани со 6 јануари.

Пресудата беше неуспех за американскиот Оддел за правда и администрацијата на претседателот Џо Бајден и е потенцијален поттик за Трамп.

Трамп, републикански противкандидат на демократскиот претседател Џо Бајден на изборите во САД на 5 ноември, беше обвинет за опструкција, како дел од кривичното обвинение за четири точки во случајот што минатата година го покрена специјалниот советник Џек Смит.

Американскиот окружен судија Карл Николс, назначен од Трамп, го одобри барањето на Фишер да го отфрли обвинението за опструкција, пресудувајќи дека тоа се однесува само на обвинетите кои манипулирале со докази.

Апелациониот суд на САД за округот Колумбија ја смени таа одлука, што предизвика жалба на Фишер до Врховниот суд.

Федералните обвинители проценуваат дека околу 250 од околу 1.400 лица обвинети за нападот во Капитол од поддржувачите на Трамп би можеле да бидат афектирани од пресудата.

Според податоците на Одделот за правда, околу 50 обвинети биле осудени за опструкција, без друго кривично дело.

Од нив, околу половина во моментов отслужуваат казна затвор - што претставува помалку од 2% од сите случаи.

Обвинението носи казна затвор до 20 години доколку биде прогласен за виновен, иако осудени за опструкција на 6 јануари добија многу помали казни.

Околу две третини од обвинетите од 6 јануари обвинети за опструкција, исто така, беа обвинети и за други кривични дела.

Врховниот суд ги сослуша аргументите за случајот во април.

По изборите во 2020 година, Трамп и неговите сојузници изнесоа лажни тврдења дека му биле украдени изборите преку широко распространета гласачка измама.

На денот кога Конгресот се состана за да ја потврди победата на Бајден, приврзаниците на Трамп упаднаа во Капитол, ги пробија барикадите, нападнаа полицајци, ја вандализираа зградата и ги принудија законодавците и другите да избегаат на безбедно место.

Во август 2023 година, Смит покрена четири федерални кривични обвиненија против Трамп во случајот за субверзија на изборите: заговор за измама на САД, коруптивно опструирање на официјална постапка и заговор за тоа, и заговор против правото на Американците да гласаат.

Трамп, исто така, се соочува со кривични пријави поврзани со изборите пред државниот суд во Џорџија.

Тој ги нарече сите случаи против него политички мотивирани.

Врховниот суд на 25 април ги сослуша аргументите за барањето на Трамп за имунитет од гонење поради обидот да се отповика неговата загуба на изборите во 2020 година.

Конзервативните судии на Врховниот суд сигнализираа поддршка за американските претседатели кои имаат одредено ниво на имунитет од кривични пријави за одредени дела преземени на функција.

Во наредните денови се очекува пресуда за тој случај.

XS
SM
MD
LG