Линкови за пристапност

Вранишковски излезе од затвор


Јован Вранишковски, на фотографија од 2005-та
Јован Вранишковски, на фотографија од 2005-та

Наскоро ќе замине на лекување во Русија, според заедничкото соопштение на Руската и Српската православна црква

Јован Вранишковски од вчера попладне е на слобода. Апелацискиот суд ја одби жалбата на обвинителството на одлуката на Кривичниот суд за условен отпуст на Вранишковски од почетокот на јануари годинава. Условната слобода на поглаварот на Православната охридска архиепископија, чијашто регистрација македонските судови ја одбија, значи дека тој од денот на неговото ослободување, до 23-ти март 2017-ма година не смее да направи ново кривично дело од ист карактер, наведуваат од ПОА.

Веднаш по излегувањето од затворот, Вранишковски преку писмено соопштение им се заблагодари на „сите што на кој било начин придонеле за неговото предвремено ослободување од затворот“ - на директорот на затворот којшто го поднел барањето за ослободување, на Кривичниот совет од Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд од Скопје, затоа што го донеле решението за условен отпуст, но и на, како што вели „претстоителите на сите православни цркви, кои не пропуштаа прилика при секоја средба со политичкото раководство од Р. Македонија да побараат ослободување за архиепископот Јован“.

„Неизоставна благодарност упатува и кон политичкото раководство на Р. Македонија без чија „мудра и државничка одлука“, како што ја нарече претставникот на власта од Комисијата за односи со верските заедници, пуштањето на архиепископот Јован на слобода би било невозможно. Бездруго, и се заблагодарува и на МПЦ и нивниот Синод, кои се покажаа милостиви, какви што впрочем секогаш треба да бидат црковните пастири, па побараа милост за архиепископот Јован, иако како што самите изјавија, тоа го направиле „заради повозвишени цели“. Секако дека ќе беше многу повозвишено да бараат милост заради самата смисла на милоста, не заради некои други цели, па макар тие биле и највозвишени. Но, благодарност и за толку“, се вели во соопштението од ПОА.

Според одлуката на Судот, Вранишковски ги исполнил условите за условен отпуст - издржал 36 месеци затвор, или повеќе од половина од пет ипол годишната затворска казна на којашто е осуден за перење пари преку здружението „Анастасија" од Нижеполе и за злоупотреба на 250.000 евра црковни пари додека бил митрополит на МПЦ. Во корист на Вранишковски се наведува и неговото примерно однесување, почитување на куќниот ред во затворот и извршување на работните обврски.

Од Обвинителството соопштија дека на Вранишковски му се конфискувани вкупно 4.940.400 денари и недвижен имот - земјиште во местото Голема нива во Нерези со површина од вкупно 4.859 м2.

Инаку, формално барање за ослободување на Вранишковски кон крајот на минатата година поднесе директорот на затворот Идризово. Претходно, негово помилување побара и Синодот на МПЦ-ОА заради, како што беше наведено, „повисоки цели“, по средбата на поглаварот г.г. Стефан со претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски г. Иларион, на којашто било побарано да дадат „придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете цркви“.

Руската и Српската православна црква во заедничко соопштение, објавено на Интернет-страницата на Српската православна црква, го поздравија ослободувањето на Вранишковски. Во него уште се наведува дека тој следните денови ќе замине на лекување во Русија.

Иако ослободувањето на Вранишковски се наведува како услов за почеток на нова фаза преговори меѓу МПЦ-ОА и СПЦ , засега нема најави за средба меѓу македонските и српските црковни претставници.

XS
SM
MD
LG