Линкови за пристапност

САД ја поддржуваат Македонија во евроатлантските аспирации


САД ја поддржуваат Македонија во евроатлантските аспирации
САД ја поддржуваат Македонија во евроатлантските аспирации

Ќе го прифатат решението за кое двете страни ќе се договорат, порача американскиот амбасадор Волерс на брифинг за новинарите.

Соединетите Американски Држави вложија повеќе од една милијарда долари во изминатите 20 години за да го поддржат развојот на образованието, конкурентноста на пазарот, армијата, демократските институции и културното наследство. Тоа е доказ за подршката што САД и` ја даваат на Македонија во нејзините апсирации да стане дел од евроатлантското семејство - ова денеска на брифинг за новинарите го соопшти амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.

Дипломатот нагласи дека САД се најголемиот поддржувач на Македонија за зачленувањето во НАТО. Наш заеднички интерес е стабилноста на целиот регион, изјави Волерес. Тој потенцираше дека САД очекуваат да биде постигнато обострано прифатливо решение за проблемот со името меѓу Грција и Македонија.

Ние го поддржуваме процесот на преговори што се води под закрилата на ОН, како и директните контакти меѓу премиерите на Македонија и Грција, подготвени сме да го поддржиме секое решение за кое двете страни ќе постигнат согласност, рече Волерс, нагласувајќи ја важноста од постигнување на решение за дводеценискиот спор како услов за интегрирање на Македонија во структурите на Алијансата.

Прашан за можноста Македонија да биде примена во НАТО без претходно решение за проблемот, под референцата ПЈРМ, Волерс потенцираше дека САД се подготвени да поддржат одлука за која постои консензус меѓу сојузниците во НАТО.

Консензусот е принцип врз кој е изградена Алијансата. Консензусот е принцип што функционира и ќе функционира во иднина, нагласи американскиот амбасадор.

За коментарите дека Вашингтон и Брисел не се заинтересирани за изнаоѓање на решение за проблемот, Волерс нагласи дека ниту Вашингтон, ниту пак Брисел можат да наметнат решение, дека се работи за проблем што треба да биде решен меѓу двете држави, како и дека САД се подготвени да поддржат секое решение за кое двете страни ќе бидат подготвени да го прифатат.

Коментирајќи ја одлуката на Меѓународниот суд на правдата, амбасадорот кажа дека таа може да биде добар поттик за двете страни да го забрзаат процесот на изнаоѓање на обострано прифатливо решение.

Волерс брифираше и дека за САД е од извонредна важност Македонија што поскоро да постигне напредок во обласите како слободата на изразувањето, независноста на судството и владеењето на правото. Според дипломатот, овие области се важни бидејќи ги засегаат клучните вредности околу кои е обединето евроатлантското семејство.

XS
SM
MD
LG